1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш му нуди на Иран директни преговори за атомскиот спор

1 јуни 2006

Понудата е условена со барање Иран да прекине со облагородување на ураниум

https://p.dw.com/p/Ac69
Џорџ Буш
Џорџ БушФотографија: AP

„Сметам дека е многу важно да го решиме тој проблем по дипломатски пат и јас денеска решив САД да ја преземат водечката улога во решавањето“ – објави во Вашингтон американскиот претседател Џорџ Буш. Тој притоа му порача на Иран дека мора да остане без атомско оружје и мора да прекине со облагородување на ураниум – што треба да биде и верификувано; тоа би биле и услови за САД да седнат на преговарачката маса. Буш искажа почитување за иранскиот народ, наследство и историја, и надеж дека владата на таа земја ќе реагира на барањата на меѓународната заедница и нема да се изолира од светот, нема лекоумно да троши пари за програма за атомско вооружување – оти тоа би ги ангажирало капацитетите и би го спречило растежот на иранското стопанство.

Претходно и министерот за надворешни работи Кондолиза Рајс ја обелодени желбата на САД за „нови и позитивни односи“ со Иран. И таа, како и Буш, како предуслов не побара откажување, туку само запирање на облагородувањето на ураниум, но наведе и редица други теми кај кои американската влада очекува промена на иранската политика. Рајс тука ги спомна и финансиската подршка за терористички групи на Блискиот исток и за насилнички активности во Ирак. „Се надеваме дека оваа понуда да учествуваме во разговорите, ако Иран го запре облагородувањето на ураниум, ќе создаде клима за акции – или во преговори, или пак во Советот за безбедност на ОН“ – рече Рајс.

Непосредно пред нејзиниот настап, од неофицијални извори во Вашингтон беше речено дека претседателот Буш последните денови повеќе пати разговарал со Москва и Пекинг за од таму да добие подршка за санкции, доколу Иран не покаже готовност за компромис на американската понуда за директни разговори.

САД и Иран веќе речиси 27 години немаат дипломатски односи и во спорот околу иранската атомска програма досега немаше директни американско-ирански разговори, туку ставовите на Вашингтон ги пренесуваше европската тројка. Од иранска страна во изминатите недели можеше да се осознае интересот за директни разговори со САД, а и претседателот Ахмадинеџад му испрати писмо на Буш, на кое, меѓутоа, не доби одговор.

Со новиот потег сега Иран е ставен под притисок. Денеска министрите за надворешни работи на петте постојани членки на Советот за безбедност и на Германија ќе одржат консултации околу новите иницијативи во атомскиот спор.