1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш-нема повлекување од Ирак

Борис Георгиевски4 септември 2007

Американскиот претседател Џорџ Буш одлучи лично да се увери во состојбата на теренот во Ирак, пред да му реферира на Конгресот и да побара понатамошен воен ангажман.

https://p.dw.com/p/BbEM
Буш во ненајавена посета на трупите во ИракФотографија: AP

Американските трупи ќе започнат со повлекување од Ирак само од позиција на сила и успех, а не од позиција на страв и неуспех. Ова е пораката која американскиот претседател Џорџ Буш ја упати по ненадејната посета на Ирак, притоа потенцирајќи дека постои видлив успех на теренот, особено во провинцијата Анбар која беше неговата главна дестинација.

„Одлуката за повлекување на војската ќе биде базирана врз објективна проценка на нашите воени командати врз основа на состојбата на теренот, а не врз основа на нервозните реакции на политичарите во Вашингтон“, порача Буш.

Посетата на американскиот претседател на регионот Анбар не е случајна, и тој потенцираше дека токму оваа провинција треба да послужи за пример како треба да напредува Ирак во иднина. Анбар се здоби со статусот на најмирна провинција во земјата откако локалните племенски лидери им се придружија на американските сили во битката со приврзаниците на Ал Каеда.

Одлучувачко мислењето на воените стратези

Иако во Ирак се сретна со ирачкото раководството, медиумите во Вашингтон информираат дека главната цел на посетата на Буш всушност бил состанокот со првиот човек на воената команда во земјата, генералот Дејвид Петраус и со американскиот амбасадор во земјата Рајан Крокер.

Утрово по средноевропско време, во ексклузивно интервју за американската телевизија СиБиЕс, претседателот Буш повтори дека одлуката за бројот на трупите во Ирак ќе зависи исклучиво од проценката на воените стратези.

„Имаме добар успех на теренот од аспект на безбедноста. Генералот Петраус и Крокер ме информираа дека доколку таквиот успех продолжи, тогаш можеби би се одлучиле да ја вршиме истата работа со помалку војници“, рече Буш.

Споменатите двајца идната недела ќе реферерираат пред американскиот Конгрес, како поддршка на говорот на Буш, кој најави дека ќе бара поддршка од народните избраници за продолжување на военото учество во Ирак. Токму вчерашната посета на Буш на Ирак, според толкувањата во медиумите е знак дека Белата куќа нема намера да попушти пред барањата на противниците на окупацијата.

Без голем медиумски публицитет

Опозициските Демократи, кои се најжестоки противници на американскиот воен ангажман во Ирак не ги коментираа изјавите на Буш,но се очекува нивниот жесток притисок за повлекување од Ирак да продолжи во Конгресот и во Сенатот. Истовремено, американските медиуми не му посветија големо внимание ниту на британското повлекување од Басра. Освен пренесените изјави од официјален Лондон, ниту еден претставник на американската администрација не го коментираше повлекувањето, иако дел од медиумите коментираа дека не станува збор за ништо ново, бидејќи намалувањето на британскиот контингент во Ирак бил договорен уште на средбата меѓу Буш и поранешниот британски премиер Тони Блер на почетокот на годинава.