1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш остана должен со одговорите

13 септември 2006

Коментар на Феликс Штајнер

https://p.dw.com/p/AdxN
Дали овие слики зборуваат за поголема безбедност на светот пет години по 11.09.2001?
Дали овие слики зборуваат за поголема безбедност на светот пет години по 11.09.2001?Фотографија: AP

Во понеделникот се навршија пет години од терористичките напади од 11 септември 2001-та. Загинаа скоро 3 илјади луѓе кога авионите ги урнаа кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк и ја оштетија зградата на Пентагон во Вашингтон. Пет години потоа во целиот свет им беше оддадена почит на жртвите, секако првенствено во САД. Сепак, и овојпат се’ остана само на обично потсетување, смета Феликс Штајнер во наредниот коментар:

Пет години се малку во рамките на сеќавањето да се очекува и продлабочено размислување. Пресвежо е сеќавањето, предлабок е шокот, не само кај роднинте на жртвите, туку во целата американска нација. Оттаму, петгодишнината беше одбележена со емоции: минута молчење, венци, читање на имињата на жртвите. И повторно течеа сликите од тогаш на сите ТВ канали. Сликите на ужасот од Њујорк и пет години потоа ја распослаа својата сугестивна моќ. Американскиот претседател Џорџ Буш во неговиот ТВ-говор од Белата куќа не се надоврза на овие емоции: ние сме во војна, ние сме предизвикани, ќе победиме, зашто ние сме добрите. Тоа беше тенорот на неговиот говор. И уште: од нашиот ангажман како Американци зависи судбината на цивилизацијата, зашто повлекувањето значи пропаст, подвлече Буш. А, фрази како овие меѓу другото, водеа кон тоа угледот на САД во светот во изминатите пет години многу да опадне. Зашто Буш повторно остана должен со одговорите. На пример, зошто војната против Ирак мораше да се води со потписот „Војна против тероризмот„ кога Садам Хусеин немаше воопшто ништо со нападите од 11 септември? Или кои принципи се следат во наводната битка за цивилизацијата? Или дали светот по пет години војна против тероризмот стана побезбеден?

Всушност тој мораше да биде попродлабочен кога ги споредуваше реакциите по 11 септември 2001-та со однесувањето пет години подоцна. На пример реакциите во арапскиот свет: тогаш имаше нивно сочуство со оглед на скоро 3 илјади невини жртви. А, денес? Во насловите доминираат други теми: секој ден дузини мртви во Ирак од тероризам кој стана можен дури по влегувањето на САД во таа земја. Повеќе од илјада мртви од израелското бомбрадирање на Либан, политички покриено од САД. Кон тоа скандалот со измачувањата во Абу Гариб, тајните затвори на ЦИА и бесправниот простор – Гвантанамо. Борбата против тероризмот на таков начин мутира во Хидра: на секоја отсечена глава, растат две нови!

Буш мораше да биде продлабочен и со поглед кон своите сојузници. Во есента 2001 тие му изразија неограничена солидарност. А, денес? Откако алијансата жестоко се подели веќе и поради војната во Ирак, сега тој мора дури и од канцеларката Ангела Меркел да слушне дека во војната против тероризмот целта не ги оправдува средствата. Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле уште дополни дека човековите права и меѓународното право не смеат да бидат исфрлени од игра. Притоа обајцата – Меркел и Шојбле – спаѓаат меѓу најверните меѓу верните кога станува збор за германско-американското пријателство. Според тоа, по сеќавањето, би требало да се покаже продлабоченост за тоа дали западниот свет во битката против тероризмот се ноаѓа на исправниот пат. Една мисла што може да помогне дојде од папата Бенедикт 16 кој во моментов е посета на Германија. Во понеделникот тој со ниту еден збор не ја спомна годишнината од 11 септември. Место тоа, предупреди дека мора да се учи да се покаже респект кон она што на другиот му е свето. Сигурно овој апел не е папски рецепт за решавање на сите проблеми. Но, едно што би можело да помогне е да се спречи по некоја грешка: и во војната против тероризмот.

Феликс Штајнер