1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш почнува нова турнеја по Блискиот исток

Клеменс Ференкоте15 мај 2008

На почетокот од турнејата по Блискиот исток американскиот претседател Џорџ Буш го истакна Израел како пример за демократска држава во регионот.

https://p.dw.com/p/E08h
„Вечно сојузништво“: американскиот претседател Буш и израелскиот премиер Олмерт во ЕрусалимФотографија: AP

На свеченоста по повод 60-годишнината од основањето на Израел Буш зборуваше за „вечен сојуз со Израел“ во борбата против тероризмот. Малку кој можел пред 60 години да предвиди дека Израел ќе израсне во таква просперитетна земја, изјави американскиот претседател Џорџ Буш вчера попладне на свеченостите по повод округлиот јубилеј на најважниот сојузник на САД во регионот. Поради таквиот развој тој и овој пат со оптимизам ја почнува блиско-источната турнеја:


„Она што се случи овде, можно е на секаде. Цел на САД мора да биде да го поддржуваме нашиот најсилен сојузник и пријател на Блискиот исток, единствената демократија против силите на тероризмот и во исто време да зборуваме за иднина исполнета со надеж.“


Воздржаност за мировните преговори


Што се однесува до мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците, високиот гостин од Вашингтон манифестираше воздржаност. Министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс неодамна изјави дека целта за изнаоѓање мировно решение до завршувањето на мандатот на Џорџ Буш се чини малку веројатна, но не и невозможна. Во резиденцијата на израелскиот претседател Шимон Перес, Буш порача:


„Во меѓувреме ќе работиме и понатаму на визијата според која луѓето кои сакаат да живеат во мир со Израел треба да добијат шанса за тоа. Но, истовремено јасно ќе им се спротивставиме на оние сили на тероризмот кои убиваат недолжни луѓе за да ги остварат нивните политички цели.“


Хамаз е главната пречка


Домаќинот Шимон Перес, осврнувајќи се на ситуацијата во палестинските автономни подрачја и посебно Појасот Газа, изјави:


„Хамаз го одложува создавањето палестинска држава. Денес, вистинската пречка за формирањето држава на Палестинците е ова радикално движење.“


На палестинските автономни подрачја стотици граѓани го одбележаа денот на основањето на Израел како ден на национална жалост, потсетувајќи на илјадниците протерани сонародници. На неколку контролни пунктови на израелската армија на Западниот брег дојде и до нереди, во кои млади Палестинци фрлаа камења врз израелските војници. Тие возвратија со солзавец и гумени куршуми.