1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш се обрати до нацијата

25 мај 2004

Во говорот пред академијата за воена историја во Пенсилванија, американскиот претседател Џорџ Буш презентираше план од пет точки за враќањето на суверенитетот на Ирак со кој исто така би требало да биде стабилизирана ситуацијата во земјата.

https://p.dw.com/p/AcNP
Буш зборува за ситуацијата во Ирак
Буш зборува за ситуацијата во ИракФотографија: ap

Истовремено Американците вчера во Советот за безбедност поднесоа соодветна резолуција.

Буш, кој во последните анкети не стои најдобро, со својот говор сакаше да ја врати довербата во неговата политика кон Ирак.

Буш во говорот соопшти малку нови детали и главно ги потврди веќе познатите планови за трансферот на власта на 30 јуни. Тој наведе пет точки за победата на слободата и демократијата во Ирак:

“Ние ќе и ја предадеме власта на една суверена ирачка влада. Ќе помогнеме да се постигне безбедност и ќе го поддржуваме Ирак во обновата на инфраструктурата. И ќе бараме широка меѓународна поддршка. Во Ирак потоа ќе се одржат избори на кои новата влада ќе биде избрана од ирачкиот народ“.

Првиот чекор ќе го направи претставникот на Обединетите нации Лакдар Брахими кој уште неделава ќе ја обзнани новата преодна влада. Таа, според Буш, треба да има претседател, двајца заменици, премиер и 26 експертски министри. Тој не соопшти какви законски и извршни компетенции ќе има. Според Буш, до 30 јуни САД ќе отворат амбасада во Ирак со претставништва во целата земја кои треба да ја советуваат преодната влада за сите прашања. Во Ирак, во иднина, за безбедноста би се грижеле меѓународни сили, но американските војници би останале под американска команда. Датум за повлекувањето на сегашните 130 илјади американски војници до Ирак Буш не спомна. Значи, засега остануваат во земјата и ќе го имаат главниот збор. Политичкиот план и неговата воена поддршка треба да бидат легитимирани со резолуција на Обединетите нации, за што вчера во Советот за безбедност беше поднесен соодветен текст. Буш повтори дека преодната фаза ќе биде тешка:

“Овие пет чекори до нова автономна ирачка влада, нема да бидат едноставни. Непосредно пред и по предавањето на власта веројатно ќе има насилства. Терористите и приврзениците на Садам повеќе сакаат да видат многу мртви луѓе, отколку еден единствен што ќе живее во слобода. Но, тие нема да ја решаваат иднината на Ирак“.

На крајот Буш најави и уривање на познатиот затвор Абу Гариб, за по можност да ја поврати довербата кај Ирачаните по сканадлот со измачувањата и изградба на нов високо-безбеден.