1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетот е изгласан

11 декември 2010

Македонскиот парламент денеска (11.12.2010) го изгласа Буџетот за 2011 година. Собраниската расправа беше жестока.

https://p.dw.com/p/QW3n
Фотографија: Petar Stojanovski

Опозицијата реагира дека владата повторно креира буџет кој ќе ги задоволи нејзините мегаломански апетити за трошење и рекламирање, а нема да им помогне на стопанството и граѓаните. Во услови кога немало изградена ниту една позначајна капитална инвестиција во последниве четири години и се форсира мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, опозиционерите не веруваат дека и догодина владата вистински ќе ги реализира ветените 370 милиони евра за оваа намена. Владо Бучковски праша дали Македонија конечно ќе фати чекор и ќе гради автопати како што прават соседите во Албанија и на Косово, или земјата ќе остане слепо црево и заложник на мегаломанскиот проект „Скопје 2014“.

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Зоран Ставрески: Владината политика е добра, што се потврди и со оценките на ММФФотографија: Petr Stojanovski

За министерот за финансии Зоран Ставрески владината политика била добра, што се потврдило и со оценките на ММФ кој деновиве и‘ даде на земјата кредит од 480 милиони евра. Ниското ниво на буџетски дефицит и јавен долг било доказ дека владата водела исправна фискална политика, а планираните капитални инвестиции ќе ја раздвижеле економијата. Според него, ќе требало да помине време додека СДСМ ги прифати позитивните оценки од ММФ. Бучковски, пак, го повика на одговорност Ставрески бидејќи не ги послушал апелите пред две години државата да се зајми кај ММФ.

Владата планира дефицит од 2,5 проценти и 240 милиони евра странски инвестиции

За пратениците од власта е добро што се инвестирало во изградба на сали и игралишта за младите. Побараа опозицијата да суди реално: Живко Пејковски од ВМРО ДПМНЕ повика да престане практиката на девалвирање на оној кој работи успешно. Менде Диневски од СДСМ, пак, побара одговор каде е првата од ветените осум милијарди евра кои премиерот Никола Груевски ги најави за наредните седум години.

Wahlen Mazedonien Premierminister Vlado Buckovski
Владо Бучковски: Дали Македонија ќе гради автопати како што прават соседите, или земјата ќе остане слепо црево и заложник на мегаломанскиот проект „Скопје 2014“?Фотографија: AP

Буџетот за 2011 тежи 2,6 милијарди евра. Економскиот раст е проектиран на 3,5 проценти, инфлацијата на 3 отсто. Владата планира дефицит од 2,5 проценти и 240 милиони евра странски инвестиции. И овојпат, најголем дел од парите ќе се трошат за платите на јавната администрација и стоки и услуги. Пратениците од власта не прифатија ниту еден амандман предложен од опозицијата.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска