1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вадефул: Ние не сме ни на македонска, ниту на грчка страна

9 ноември 2010

Јохан Вадефул, германски парламентарец, известувач на ЦДУ-ЦСУ за Македонија, смета дека Владата многу добро знае што треба да направи за да се реши спорот за името со Грција и оптимист е дека тоа ќе случи наскоро.

https://p.dw.com/p/Q2QO
Јохан ВадефулФотографија: picture alliance/dpa

Господине Вадефул, која е пораката што овде во Скопје им ја пренесовте на македонските власти?

„Сигурен сум дека Македонија има многу добра шанса да и‘ се приклучи на ЕУ, мора претходно да ги зајакне напорите за исполнување на условите, да ги имплементира критериумите од Копенхаген, но пред се‘ - мора да го реши спорот за името со Грција.“

Добивате ли впечаток дека проблемот со името станува прашање „да се биде или не“?

„Станува збор за прашање кое мора да биде одговорено за да почнат преговорите. Ние не сме на грчка или на македонска страна, ние сме неутрални и ги охрабруваме двете страни да ја искористат секоја шанса за компромис.“

Македонските власти тврдат дека станува збор за двојни стандарди. Условите се исполнети, а Комисијата сепак не определува датум за Македонија.

„Позицијата на Германија е дека преговорите можат да почнат што е можно поскоро, но проблемот со името треба да биде решен претходно.“

Можат ли Германија или Европската унија повеќе да се заложат за решавање на спорот за името ?

„Германија има многу добри односи со Македонија, но и со Грција. Ние ќе направиме се‘ да им помогнеме на двете земји проблемот да се реши. Се надевам дека политичите лидери во двете земји ќе ги подготват граѓаните дека компромис подразбира дека треба да се напуштат тврдите позиции.“

Johann Wadephul mit Antonio Milososki Mazedonien
Вадефул во разговор со македонскиот министер за надворешни работи МилошоскиФотографија: MIA

Добивте ли сигнал од македонските власти дека се подготвени за решавање на спорот?

„Да, не сакам за ова да зборувам јавно. Мојот впечаток е дека македонските власти многу добро знаат што треба да направат за да се придвижи земјата напред.“

Кој е според вас најголемиот проблем со кој се соочува македонското општество?

„Мислам дека сиромаштијата и невработеноста од над 30 проценти се доста сериозен проблем. Тоа се едни од проблемите кои му ги спомнав и на премиерот Никола Груевски. Тој и неговиот тим треба да се борат посветено против овој проблем.“

Забележувате ли доволно политичка волја за борба против корупцијата?

„Има напредок во борбата против корупцијата, но се надевам дека ќе бидат фатени и големите, а не само малите риби.“

Дали балканските земји ќе и‘ се приближуваат на Европската унија во пакет, или Македонија сепак ќе биде побрза на тој пат од соседите?

„Процесот на проширување не е натпревар, најважно е условите да бидат исполнети. Вратата ќе и‘ биде отворена на секоја земја што ќе ги исполни условите.“

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска