1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вадефул: Постои можност во јуни да стартуваат пристапните преговори со Македонија!

Силвера Падори-Кленке25 април 2013

По разговорот со македонскиот министер Попоски, пратеникот Јохан Вадефул (ЦДУ) за ДВ изјави дека постои можност во јуни да бидат отворени пристапните преговори со РМ, кои најмногу зависат од предлогот на комесарот Филе.

https://p.dw.com/p/18NPA
Фотографија: DW

По редицата разговори со бројни парламентарци и претставници на германската влада во Берлин, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски од престолнината замина со полн „куфер“ пораки. Сите имаа добри желби за македонскиот европски пат, но сите побараа и исполнување на задачите, вклучувајќи го и официјалното германско МНР. Песимизам за јунската покана се слушна од социјадемократите. Оптимистички, пак, беа видувањата на дел од пратениците на владејачките ЦДУ-ЦСУ кои се ангажирани околу Балканот и на опозициониот Сојуз 90-Зелени. Разговорите со сите беа сконцентрирани на актуелната состојба во реформскиот процес на Македонија и статусот на преговорите околу името со Грција. Се’ со цел германските народни избраници кои одлучуваат за секое идно доближување кон Унијата, да ја поддржат Македонија. И тоа не во некоја далечна перспектива, туку многу скоро – до крајот на јуни!

Решение на името по стартот на преговорите!

„Актуелно сега постои можноста во јуни да биде дадено зелено светло за старт на пристапните преговори со Србија и Македонија. Конкретно за Македонија, во разговорот со министерот Попоски се осврнавме на две теми: бескрајната приказна за спорот со името и декемвриските случувања во Парламентот кои вознемирија многумина во Европа и кои очекуваме целосно да бидат расветлени. Што се однесува до спорот со името на повидок би било решавање на ова прашање во првата година од преговарачкиот процес, а не пред неговиот старт“, изјави за ДВ Јохан Вадефул, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.

Johann Wadephul Abgeordneter Deutschland
Верува во европските и вредностите на разбирање, а не на ограничување! Јохан Вадефул (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: DW

На прашањето дали тоа значи дека во јуни ќе се отворат пристапните преговори со Македонија, Вадефул за ДВ одговара:

„Се’ уште е рано да се каже, но јас така мислам. Мора да почекаме што ќе предложи комесарот Филе. Сега е важно сите учесници да видат како може да придонесат тој да направи добар предлог за Македонија. Тоа е и наша желба. Македонската страна знае што може и што треба да направи, по што Филе ќе биде во состојба да даде и добар предлог. Од друга страна, сега е момент на грчките пријатели да им се порача дека би било добро доколку во европски дух дојде до договор за спорот со името! На сите мора да им е јасно дека сносиме заедничка одговорност за Западниот Балкан и дека европските вредности треба да ги ставиме најнапред, пред сите останати. Европските се вредностите на разбирањето, на заемната доверба, а не на ограничувањето и исклучувањето. Верувам дека ова е основа за голема солидарност која сега мора да ја практикуваме. Затоа сметам дека за доброто на сите, Грција ќе помогне Западниот Балкан севкупно да напредува“, коментира за ДВ Јохан Вадефул.

Важен е предлогот на Филе!

Со други зборови кажано, од предлогот на еврокомесарот Филе зависи дали во јуни Македонија конечно ќе добие датум за старт на пристапните преговори. А тој предлог зависи од исполнувањето на задачите кои македонската страна треба да ги заврши во делот на напредокот на реформите и во политичкиот дијалог. Врз основа на резултатите во овие две сфери (притоа не сметајќи ги постоечките пет препораки), еврокомесарот Филе треба во кусо време да донесе свој заклучок кој ќе го проследи до европските институции и од кој зависи дали Македонија во јуни воопшто ќе се најде на агендата за новото доближување на Западниот Балкан до ЕУ.

Nikola Poposki
Никола Попоски: Поддршката од Германија е јасна: проширувањето продолжуваФотографија: DW

Инаку, по разговорите на Попоски во Берлин се’ поочигледно е позитивното расположение на пратениците од Бундестагот кон Македонија, кои први треба да дадат „зеленото светло“ за почеток на пристапниот процес кој понатаму ќе го визира германската влада на европско ниво.

„За нас е значајно што Германија, како најголема земја членка на ЕУ, не претставува пречка за Македонија. Сосема спротивно – пораките од пратениците на Бундестагот се дека тие би поддржале почеток на преговори, доколку за тоа бидат прашани. Германската и позицијата на Парламентот е дека е потребно процесот на проширувањето да не запре по зачленувањето на Хрватска. Воедно сметаат дека исклучително важно ќе бидат да се спроведат сите оние реформи кои се неопходни во процесот на преговорите за зачленување во ЕУ“, изјави министерот Никола Попоски. Тој смета дека клучниот предизвик останува во Атина и одлуките коишто таму се носат треба да бидат базирани врз заедничкиот интерес. „Кога се повикува на солидарност, таа треба да се однесува на Европската унија, а не со неа да се штитат определени индивидуални интереси кои само би воделе кон натаможно одлагање, нешто што не е од интерес ни на Македонија, ни на Грција, ниту на Германија и целата ЕУ“ , подвлече за ДВ шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.