1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватикан: Се води кампања против папата

ЖА/кна/дпа/дв15 март 2013

Ватикан во невообичаено остра форма ги отфрли медиумските извештаи околу наводното проблематично однесување на папата Франциско Први во време на аргентинската воена диктатура.

https://p.dw.com/p/17ygy
Фотографија: Reuters

Портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди денеска пред новинарите зборуваше за „кампања против Берголио“. „Се работи за медиум кој е специјализиран за клеветнички и оцрнувачки кампањи“, изјави Ломбарди. Тој не го наведе името на медиумот, но очигледно алудираше на аргентинскиот магазин „Пагина 21“, кој првпат ги прошири обвинувањата против Хорхе Марио Берголио во 2005 година.

Тврдењата дека папата Франциско Први соработувал со воената диктатура за време на нејзиното владеење во Аргентина од 1976-1983 година се неосновани и политички мотивирани, соопшти денеска Светата столица.

„Никогаш немало конкретни и веродостојни обвиненија против него, тој бил сослушуван од аргентински судии и доставил документи за да ги отфрли тие обвиненија, изјави портпаролот на Ватикан.

Според Ломбарди, обвиненијата се „целосно неосновани“ и тие треба да бидат „категорично отфрлени“. Тие тврдења се распространети од „антиклерикалната левица“ со цел „напад против црквата“.

Папата Франциско Први во однос на обвинувањата има „чиста совест“ и ќе го продолжи „својот пат натаму“. Ватикан има богато искуство со кампањи против папите и црквата, но тоа не го вознемирува. Очигледно е дека некои медиуми постојано подигнуваат обвиненија против Католичката црква кога за неа постои големо внимание.

Инаку, обвинувањата против сегашниот папа се многу тешки – се тврди дека не само што не спречил, туку и активно ја поддржувал тогашната аргентинска воена диктатура. Наводно, како тогашен поглавар на Езуитскиот ред, Берголио не заштитил доволно двајца свештеници од ставање во затвор.

Тоа го тврди и Фортунато Малимачи, поранешен декан на факултетот за социологија на Универзитетот во Буенос Аирес, кој порачува дека на Беголио ќе му пресуди историјата.