1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон и Берлин едногласно за слободна трговија

Б. Георгиевски/дв/ртр26 февруари 2013

Клучна тема при првата посета на новиот американски државен секретар Џон Кери на Германија беше договорот за слободна трговија меѓу САД и ЕУ. Берлин и Вашингтон бараат што побрза негова реализација

https://p.dw.com/p/17mD7
Фотографија: John Macdougall/AFP/Getty Images

Американскиот државен секретар Џон Кери се заложи за реализирање на договорот за слободна трговија меѓу САД и Европа, оценувајќи дека станува збор за приоритет на претседателот Барак Обама со кој ќе се обезбедат работни места и раст на обете страни на Атлантикот.

Идејата обезбеди поддршка на обата континенти, а американскиот претседател Обама на почетокот на месецов изјави дека Вашингтон верува оти „слободната и фер трговија преку Атлантикот им обезбедува милиони работни места во САД“.

Говорејќи по денешната средба со германската канцеларка Ангела Меркел и шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле во Берлин, Кери изјави дека таквиот договор ќе биде благодет и за САД и за Европа.

„Сметаме дека ова е нешто што ќе помогне да се подигне економијата во Европа, да се зајакне нашата економија, да се отворат работни места за американците, за Германците, за сите во Европа и притоа да се создаде еден од најголемите заеднички пазари во светот“, рече Кери.

Германија силно ја поддржува идејата и Вестервеле изрази надеж дека подготовките ќе завршат брзо за се отворат преговори со САД во текот на летото.

John Kerry in Deutschland Februar 2013
Џон КериФотографија: picture-alliance/dpa

„Тука гледаме можност која треба да ја искористиме во интерес на развојот, работните места во Германија, САД и во Европа“, рече Вестервеле.

Средбите на Кери во Берлин беа втора станица на неговата турнеја низ Европа и Блискиот исток која ќе опфати девет земји. Турнејата започна во Лондон, а по посетата на Берлин, Кери продолжува за Париз.