1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вашиот устав е неважечки“

СН/АТ/афп/ап/дпа/ртр19 декември 2012

Противниците на претседателот Мохамед Мурси не попуштаат. Тие излегоа вчеравечер на улиците на Каиро за да протестираат против спорниот предлог устав. И судиите се’ позасилено формираат фронт против Мурси.

https://p.dw.com/p/175Fg
Фотографија: AP

Стотитици демонстранти се собраа синоќа на централниот Тахрир плоштад во египетскиот главен град и пред претседателската палата на првите големи демонстрации по првиот дел од референдумот за новиот устав на Египет. Противниците на претседателот Мохамед Мурси извикуваа пароли „Долу со владеењето на Муслиманското братство“ и „Вашиот устав е неважечки“.

Опозицијата го обвинува претседателот Мурси и неговата партија Муслиманско братство дека со предлог уставот подготвен по итна постапка сакаат да го претворат Египет во исламистичка држава.

„Тука сум веќе со недели и ќе останам се’ додека уставот кој ја подели земјата и за кој загинаа луѓе не биде укинат“, порача во изјава за светските новински агенции еден од демонстрантите пред претседателската палата во Каиро.

Истрага за наводните референдумски манипулации

Египетското министерство за правда во меѓувреме најави истрага за обвинувањата за манупилации со референдумот: „Ова ќе биде првпат во историјата на Египет, судиите да бидат овластени со истрага за изборни лажирања“, изјави портпарол на министерството.

Ägypten Kairo Proteste gegen Mursi
Протести против МурсиФотографија: AP

Според наводите на Муслиманското братство на првиот дел од референдумот што се одржа минатиот викенд , пред се’ во големите градови во земјата, за предлог уставот гласале 56 насто од Египќаните. Опозицијата изрази сомневања во ваквиот резултат.

Во вториот дел од референдумот што ќе се оддржи в сабота исто така не се очекува дека мнозинството граѓани ќе гласа против уставот, со оглед дека гласањето овојпат ќе се одвива во региони во кои исламистите имаат широка поддршка.

Судиите бојкотираат

Инаку во знак на протест поради спорниот предлог устав на земјата, нови судии најавија дека ќе го бојкотираат референдумот. Со тоа неговата организација станува се’ потешка, бидејќи судиите мора да го надгледуваат гласањето. Доколку судиите не го контролираат референдумот во доволен број што е определен со законот, на уставот ќе му недостасува важен дел од легитимноста.

Вчера претседателот Мурси беше соочен и со уште еден проблем на правниот фронт, откако главениот обвинител на Египет Талаат Ибрахим Абдулах поднесе оставка, само еден месец откако беше назначен на функцијата од страна на египетскиот претседател.

Претходно стотици јавни обвинители учествуваа во блокадата пред бирото на Абдулах, барајќи негова оставка. Тие сметаа дека назначувањето на главен обвинител требал да го направи Врховниот судски совет, а не претседателот Мурси.

Муслиманското братство во писмено соопштение порача дека изнудената оставка на Талаат Ибрахим е „криминал“. Организацијата порача дека Врховниот судски совет, кој в недела ќе ја разгледува оставката, треба да одбие да ја прифати.