1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вевчани – театар на отворено

13 јануари 2010

Маски со пагански и актуелни пораки дефилираат во Вевчани. Карневал стар околу 1400 години го симболизира духот и непокорот на вевчанци. Тие живеат за овој ден и ја делат радоста со сите што ќе им дојдат на гости.

https://p.dw.com/p/LUpZ
Фотографија: DW

Свети Василиј или Василица – Нова година за Вевчани со векови има уште едно значење, односно го симболизира Вевчанскиот карневал за кого вевчаници признаваат дека „се‘ може да биде одложено, само карневалот не“. Улиците во Вевчани од денеска (13.01.2010) се отворена сцена, а маскираните се актери во најмасовниот театар во Македонија. .Живееме за овој ден признаваат вевчаници. Каде и да се, најголемиот дел од нив се враќаат тука. Зетот и невестата, Глупавиот Август, Ѓаволите и Музикантите се постојани, а уште 50 групни и околу 100 одделни маски дефилираат низ Вевчани.

Се критикува се‘ што не му се допаѓа на вевчанецот

Karneval in Vevcani
Пагански и актуелни поракиФотографија: DW

И годинава, како што тоа се прави со децении вевчанци ги исмеваат и иронизираат општествено–политичките случувања, изјави за Дојче веле Симон Лешоски автор на вевчанските пари – личници:

„Тоа е еден отворен театар преку кој вевчанци знаат да ги изразат својот хумор и сатира. Се криткува се‘ она што не му се допаѓа на вевчанецот.“

Маски со пагански и актуелни пораки

Традицијата се предава од колено на колено. Душан на шега ни‘ вели дека има седумипол години:

„Беше поинтересно отколку сега. Изведбата ни‘ беше поедноставна. И сега е добро, ама тогаш цела година се мислеше на карневалот.“

Младиот Душко со посебен жар гордо ја потврдува вевчанската традиција:

„Добиваме некоја идеја, даваме по некој денар и ја подготвуваме маската. Претежно тоа е чиста импровизација со евтини материјали. Многу пари не се фрлаат. Тука сме околу 2500 жители, можеби 5000 се надвор, а од нив околу 1500 доаѓаат за Василица и нивните деца се под маски.“

И најмладите се со карневалски дух. Најчесто, нивните маски се во стилот на анимираните филмови.

Во секоја вевчанска куќа за здравје и бериќет

Во наредниве 24 часа ќе биде посетена секоја вевчанска куќа. Василичарите ќе бидат дарувани со храна, пари, ракија и вино. На извори ќе наполнат света вода за да се крепи духот вевчански. Утре ќе се игра Василичарското оро и конечно маските ќе паднат. Како се издржува?

Karneval in Vevcani
Отворен театар за да се изрази сатира и хуморФотографија: DW

„Живееме за овој ден.З а нас ова е нешто свечено. Два дена се издржува, а потоа одмор“, вели еден вевчанец којшто со години бил дел од василичарските тајфи. Карневалот како членка на Европската асоцијација привлекува медиумски интерес во Грција, Германија, Шпанија, Србија, а се‘ почесто меѓу посетителите се забележуваат странци, претежно од Европа.

Годинава функционира Етно базар. Промовиран беше Вевчанскиот речник. Вевчанскиот говор е се‘ уште жив. Авторот Анастас Чушкоски потенцира неколку зборови:

„Вевчанци ќе ги препознаете по нивниот карактеристичен говор и акцент: мош, пот, собота и други.“

А токму зборот и непокорниот дух ги одржал вевчанци на овие простори.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска