1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велигденскиот – прв одмор во германскиот семеен календар

Силвера Падори-Кленке31 март 2013

Велигденските празници за Германците годинава се во знакот на ниските температури, кои придонесоа многумина да заминат на југ и да го искористат првиот семеен одмор. Чоколадните јајца и зајаци - радост за децата

https://p.dw.com/p/186Db
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија е се’ поразнолика и шарена, како од аспект на националната структура на нејзините граѓани, така и по однос на религиите, традициите и обичаите кои тие ги практикуваат. Иако има исклучоци, речиси е општоприфатено дека католиците од југот и западот на земјата, за разлика од протестантите, поголемо внимание им посветуваат на религиозните празници. Секоја чест на исклучоци, но и кај едните и кај другите модерното време си го направи своето.
„Иако Велигден е најголем празник во христијанството, дури поголем и од Божиќ, современиот германски човек се’ почесто истиот го идентификува со првиот повеќедневен одмор во семејниот календар. Така е, не смее да се мрмори и ова како факт треба и да се прифати“, вели за ДВ свештениот Мартин Гермер од Евангелистичката заедница на црквата Каизер-Вилхем во Берлин. Според него, за разлика од Божик, кога во црквата се собират и над 3.500 луѓе, за Велигден бројката не е поголема д 1.000. Дека многумина заминуваат од дома, потврдува и податокот дека поради отсуството на волонтерите, се отежнува и нормалниот тек на црковните литургии кои се служат на Велики петок, а кулминацијата е мисата, во ноќта меѓу сабота и недела.
„На Велики петок, со оглед што станува збор за ден на жалост поради распнувањето и смртта на Исус, оргулите замолкнуваат. Молк е и во сабота, кога евентуално може да има тивка музика од саксофон. Вистинско доживување е предполноќната миса наспроти недела, која започнува во тишина и целосен мрак, кој полека со палењето на свеќите го најавува новиот живот и воскресението на Исус, кое на полноќ се означува со гласната музика од оргулите и биење на камбаните“, кажува свештеникот Мартин Гермер.

Празник за децата

Шеесетгодишниот Макс Мејер од берлинскиот кварт Шарлотенбург, вели дека Велигден и за неговите родители, за него, неговите деца и внуци - е празник на семејното дружење и пролетта. Отсекогаш на Велигден било и е се’ исто:
„Целото семејство во добро расположение се собира на заеднички појадок.Татковците мораат да поранат, зашто треба да ги сокријат чоколадните јајца во градината, а децата имаат слатка задача истите да ги најдат. На трпезата, нормално дека има и шарени тврдо варени јајца, но и плетенка која традиционално, со децении ја меси и пече мојата жена. Една работа од моето детство, меѓутоа ми недостига. Шарените, испразнети јајца закачени на гранчиња од бреза со кои се китеше домот. Тоа е стара традиција од Лужичката област и кај нас беше пренесена од страната на мојата мајка. Требаше умешност, трпение и креативност ваквите јајца да се подготват. Се сеќавам дека неколку дена пред Велигден со игла ја дупчевме лушпата од јајцата кои свежи, се‘ уште топли ги земавме од кокошарникот во дворот. Жолчката и белката ги отстранувавме со дување, а потоа празната танка јајчена лушпа ја сликавме со различни боички и мотиви. Сестра ми беше вистински уметник, па јајцата наликуваа како парче од чипка. Денес, место вака подготвени јајца, најчесто се купуваат пластични и ретко кој си зема време со своите деца заеднички да ја подготви ваквата оригинална и раскошна велигденска декорација“, кажува Мајер.
Хана пак објаснува дека нејзините два сина, четиригодишниот Јон и петгодишниот Тим со недели говорат за велигденскиот зајак кој во Германија е „задолжен“ за сокривање на чоколадните јајца. Годинава, меѓутоа, како вели Хана, целото семејство патува во Андалузија, па Јон и Тим се загрижени дали Зајакот ќе ги донесе чоколадните јајца кога тие не се дома и може ли да го информираат евентуално „пратката да биде испорачана во Шпанија???“ .

Прв пикник во природа?

Регина и Ули Тортен кои ги сретнавме во богатиот кондиторски оддел во една од берлинските стоковни куќи велат дека традиционално во текот на Велигденските празници го имаат првиот пролетен „пикник“ во природа. Порано, кога децата им биле мали, морале со себе во природа да ја транспортират целата „велигденска опрема“ – чоколадните јајца и зајчињата, импровизирани гнезда и сл.
„ Не одевме далеку, туку во околината на Берлин. На Шлахтен Зе или Круме Ланке на пример. Последниве години кога децата заминаа од дома ја продолживме традицијата и одиме во некое од убавите мали градчиња во Бранденбург. Но, во никој случај некаде подалеку, зашто јас сакам вечерта да сум в цркв и повеќе милувам за Денот да сум си блиску до дома“, вели Регина. Или, пак како дополнува Ули, овој Велигден радо би останал и во затворено, зашто е постудено и од ланскиот Божик. Сепак истакнува: „Има надеж... Старото правило на земјоделците вели дека доколку во четврток пред Велигден е снежно (бело) , тогаш сигурно летотото ќе биде жешко“.

Агенциски и интернет аранжмани

И додека некои за Велигден го имаат првиот пикник во природа, надевјќи се на малку сонце и евентуално плус 4 степени, други уживаат во топлите краишта. И оваа година, како велат во повеќето туристички агенции, Берлинчани, односно Германците за Велигден и школскиот велигденски распуст, патуваат во традиционалните годишноодморски дестинации - Андалузија, Турција, Палма де Мајорка, Канарските острови. Многумина патуваат, меѓутоа, во сопствена интернет режија, така што туристичките агенции практично и немаат вистински увид. Како и да е, сигурно е и дека оние кои се одлучуиле за продолжен викенд на пократка релација нема да ги одминат најсаканите одморалишта на Ост Зе : Узедом, Риген, околината на Штралзунд. И тоа не секогаш се решаваат за престој во хотели, туку се’ почесто во изнајмени куќи, станови, соби. Но, како што коментира забниот техничар Карстен Гнием, тој со пријателите радо за Велигден ќе заминеше на неколку дена на Ост зе. Но, како вели - истите температури од Берлин беа најавени и за Риген, така што повеќе му се исплатува да остане дома, а планирание пари за одмор да ги искористи за вистинското лето. Доколку навистина и стаса!

Ostern Symbolbild
Зајакот и јајцата од чоколадо - останаа за децата симбол на германскиот ВелигденФотографија: FikMik - Fotolia.com
T
Велигден се идентификува со првиот одмор во годината: Мартин ГермерФотографија: Silvera Padori-Klenke
Osterbaum Ostereierbaum
Место шарени и насликани јајца на брезови гранчиња, сега се декорира пластичен велигденски „накит“Фотографија: Imago