1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велигден - голем христијански празник

17 април 2009

Православните верници денеска (19.04.2009) го одбележуваат големиот христијански празник Велигден - Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

https://p.dw.com/p/HYmr
Св.Канео во ОхридФотографија: picture-alliance/ dpa

Празникот Велигден е спој на верата и традицијата, негувана со векови, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога верниците ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе! Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Како што бојадисаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, а потоа ќе воскресне.

Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Исус Христос. Според преданието, Христос починал на крст „на шестиот час на денот, (...) сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови...“ Од тогаш на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се’ до Велигден, кога ќе се огласи Христовото воскресение.

Автор: АТ / миа

Редактор: Александра Трајковска