1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија го заострува тонот во спорот со Иран

Зилке Енгел29 март 2007

Премиерот Блер најави замрзнување на дипломатските односи се’ додека не бидат ослободени 15-те војници. Иран го обвини Западот дека го уценува со политизирањето на случајот

https://p.dw.com/p/AdsG
Британскиот премиер Тони Бер
Британскиот премиер Тони БерФотографија: AP

Велика Британија речиси една недела се трудеше за решение на кризата без предизвикување големо внимание. Зад кулисите се одвиваа дипломатски напори за ослободување на заробените маринци. Но, иранската влада не се придвижи ни за милиметар, критикува министерот за надворешни работи Маргарет Бекет, па Лондон бил принуден да го заостри тонот: “Достигнавме нова фаза, моравме да постапиме поостро. Тоа значи да објавиме доказен материјал и засега да ги замрзнеме сите натамошни односи со Иран, се’ додека не биде решена кризата”.

Промената на стратегијата ја бранеше и премиерот Тони Блер. Министерството за одбрана објави сателитски снимки од кои недвосмислено произлегува дека маринците не навлегле во ирански територијални води. Техеран, според Британците, свесно оперирал со погрешни информации. Велика Британија нема да дозволи натамошно да биде провоцирана, изјави премиерот Блер пред парламентот: “Созреа времето за зголемување на притисокот и за целосна изолација на Техеран”.

Владата не ги споделува страхувањата на конзервативната опозиција дека заострениот тон претставува дополнителна опасност за заробените британски маринци. Иранската телевизија за прв пат објавуви видео-снимки на кои се гледаат тие, што предизвика дополнителна лутина во Лондон.

Иран објави дека имал “технички докази” оти британските морнари биле нападнати во ирански води. Техеран потврди дека дозволил официјални британски претставници да ги посетат заробените маринци. Министерот за надворешни работи Манушер Мотаки, меѓутоа, демантира дека неговата земја ќе ја ослободи единствената жена меѓу заробениците, која наводно признала дека навлегле во ирански води. Мотаки го обвини Западот дека го уценува Иран со политизирањето на случајот со заробените војници.

Конфликтот се заострува, но набљудувачите сметаат дека во моментов тоа не значи и поверојатен воен удар против Техеран.