1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велосипетска патека за приближување меѓу Македонија и Бугарија

Тони Гламчевски9 септември 2012

Германскиот европратеник Михаел Крамер од Зелените е вљубеник во велосипедизмот. Тој го протурка проектот „Патеката железна завеса“ во документите на ЕП за развивање прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.

https://p.dw.com/p/165ec
Фотографија: AFP/Getty Images

Железната завеса, која ги делеше земјите од Варшавскиот пакт со другите земји, е симбол на трагедија и поделби. Во Европа, малкумина знаат дека таа завеса постоеше и меѓу Македонија и Бугарија. Според замислата на германскиот европратеник Михаел Крамер, европскиот кошмар може да се претвори во европски сон.

„Германците посебно, но исто така луѓето од Западна Европа, знаат за Железната завеса, за Берлинскиот ѕид. ’Патеката’ е една прошетка меѓу историјата, политиката, природата и културата. Интересно е дека источниот дел на Македонија е многу запоставен и неразвиен регион. Кога се појави статија за ’Патеката за железната завеса’ во ’Њу Јорк Тајмс’, за две недели добив триесетина електронски пораки од Американци кои се интерсираа преку овој проект за градовите Струмица и Берово, кои за нив беа непознати, но тие знаеја за Железната завеса“, вели за Дојче веле Михаел Крамер.

Проект за развој на туризмот и приближување на народите

Проектот е гигантски: велосипетска патека која се протега на 6.800 километри низ 20 земји од руско-норвешката граница на север до Црното Море на југ.

Radurlaub
Постои голем интерес за велосипедската патекаФотографија: Fotolia/VRD

„Македонија сака да биде првата земја која ќе го направи тој дел од патеката. Пред три години кога имавме работна посета и со велосипед ја поминавме патеката, градоначалниците на Берово и Струмица ми изразија благодарност, бидејќи тоа за регионот претставува можност за привлекување на туристи со историјата“, нагласува Михаел Крамер, кој за овај проект ја има поддршката и од амбасадата на Германија во Македонија.

Македонија и Бугарија официјално го изразија интересот за овај проект, поддржан и во резолуциите на Европскиот парламент. Потпишан е договор меѓу регионите од двете страни на границата кој ќе дозволи промовирање на патеката.

Михаел Крамер е убеден дека проектот „Железна завеса“, чија промоција во Македонија се очекува во септември, ќе помогне да не се заборави лошата историја на поделби, но и оти ќе има позитивен ефект врз економијата, бидејќи како што тој вели: „туристите на велосипед трошат повеќе од оние кои патуваат со автомобил“. Прекуграничната соработка ќе дозволи и стимулирање на туризмот. кој малку е присутен во овај регион.

Bulgarien Lupe alte Karte Landkarte
Проектот треба да ги подобри односите меѓу Македонија и БугаријаФотографија: Fotolia/Lwzfoto

Зошто Грција не го нарече својот регион „Јужна Македонија“

Михаел Крамер е еден од европратениците кој често во Стразбур и Брисел се залага за забрзување на евроинтеграциите на Македонија. Но, како добар пријател, тој советува Македонија да им посвети повеќе внимание на човековите права, посебно на т.н. малцински групи, како хомосексуалците.

Што се однесува до спорот за името со Грција, кој ја кочи Македонија во евро-атлантските интеграции, тој вели:

„Не го знам решението за проблемот. Но, знам дека е потребно да се реши тој проблем. Големата статуа на Александар не беше потребна и таа не го олесни решението на проблемот“, вели германскиот европратеник и додава:

„Спорот за Европејците изгледа смешен. Но, не можам да ја сватам позицијата на Грција, ние го имаме регионот Луксембург и државата Луксембург во Европа или Бретања и Велика Британија ит.н. Често велам ако се бара разлика меѓу името на регионот Македонија во Грција и државата Македонија, ако тоа е потребно, тогаш Грција може да го нарече својот регион „Јужна Македонија“.