Венизелос и Фабиус разговарале за Македонија
14 јануари 2014Весникот „Етнос“ денеска пишува дека Венизелос и Фабиус имале „апсолутно усогласени мислења за спорот со Скопје“. Детали од вчерашните разговори во Париз не се објавуваат.
Двајцата министри по средбата во Кеј Д’Орсеј изјавија дека биле разгледани приоритетните прашања за грчкото претседавање со Унијата, како економскиот развој, борбата против невработеноста, банкарската унија и продлабочувањето на економската и монетарната унија. Македонија, Западен Балкан и проширувањето на ЕУ воопшто не ги спомнаа.
Сепак, од француското Министерство за надворешни работи, како што јавува МИА, било потврдено дека се зборувало за проширувањето на Унијата, без притоа да се навлезе во детали.
Евангелос Венизелос од Париз заминува за Вашингтон каде што в четврток (16.01) ќе има средба со американскиот државен секретар Џон Кери, на која се очекува, меѓу другото, да се разговара и за грчко-македонскиот спор за името.