1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венизелос: подем на еден властољубив човек

19 март 2012

Министерот за финансии Евангелос Венизелос ја постигна целта: тој стана нов шеф на грчките социјалисти. Сега треба да ја извади партијата ПАСОК од криза.

https://p.dw.com/p/14Mrx
Фотографија: AP

Новиот шеф на грчките социјалисти Евангелос Венизелос целосно убеден навестува дека е можно неможното - на претстојните парламентарни избори ПАСОК да освои апсолутно мнозинство, иако во моментов во сите анкети партијата е падната на само 11 проценти. На ПАСОК и’ се префрлува одговорноста за сегашната економска мизарија на Грција, а партијата учествуваше и во донесувањето на најстрогите мерки за штедење во поновата грчка историја.

Во 90-тите години на минатиот век професорот по право, по потекло од Солун, во рекордно време успеа да стигне до врвот на партијата. Претходно тој се истакна како рафиниран адвокат на поранешниот лидер на социјалистите Андреас Папандреу, кој беше осомничен за корупција. Потоа, како портпарол на владата, министер за правда, министер за култура или едноставно како сива еминенција во заднината, Венизелос импонира повеќе со изразен осет за власт и моќ, отколку со солидна стручна работа.

Тесни врски со православната црква

Со законот за одземање на приватниот имот на некогашното кралско семејство навистина ги воодушеви традиционалните избирачи на социјалистите, но предизвика долгогодишен правен спор, кој доведе до осуда на Грција од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Венизелос „се истакна“ и како министер за култура: кога православната црква во 2003 година протестираше против една слика на белгискиот сликар Тиери де Кордие, на која е прикажан машки полов орган пред крст, министерот нареди да се отстрани уметничкото дело од изложбата во Атина. И за уметноста има граници „во законот и во општиот вкус“, изјави тогаш Венизелос.

Griechenland EU Flaggen bei Akropolis Symbolbild Finanzkrise Gipfel
Фотографија: dapd

Од тоа време нему му се припишуват и особено тесни врски со црквата. Можеби е тоа објаснение и зошто тој во јули минатата година, како министер за финансии, цврсто му вети на поглаварот на Православната црква, архиепископот Хиеронимус, дека плаќањето на православните свештеници од страна на државата е „договорна обврска“, која самопосебе разбирливо важела и во кризни времиња. Таа обврска ги чини грчките даночни обврзници во моментов преку 200 милиони евра годишно.

Откази поради лоши вести

Најголемиот дел од Грците сметаат дека 55-годишниот политичар добро се покажал како министер за финансии. Притоа тие земаат предвид дека беше речиси неможно да се решат задачите што му беа доделени.

Кога во септември 2011 година незвисни финансиски експерти, ангажирани од парламентот, во еден извештај најавија дека коефициентот за дефицитот на Грција во 2011 година ќе изнесува околу 9 проценти - значи, значително повеќе отколку што дотогаш беше предвидувано во сите официјални изјави, Венизелос, според извештаи во грчки медиуми, извршил притисок тие веднаш да бидат сменети. Научниците тој ги означи како „некомпетентни“. Подоцна се покажа дека експертите беа во право. Но, и покрај тоа, тие не беа вратени на работа.

Автор: Јанис Пападимитриу / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска