1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вердер го диктира тонот во Бундеслигата

Wüst,Benjamin / Jordanovski, Zoran3 декември 2007

Дербито на 15-тото коло на фудбалската Бундеслига му припадна на Вердер, но Баерн го зачува водството на табелата. На дното се намалува разликата по успесите на последнопласираните екипи.

https://p.dw.com/p/CW3D
Целокупниот кадар на Вердер за ова првенствоФотографија: AP

Вердер блеска - по победата над Реал Мадрид во Лигата на шампионите славеше и во „северното дерби“ од Бундеслигата против третопласираниот Хамбургер, победувајќи со 2 спрема 1. Притоа Вердер и натаму никако не излегува на крај со многубројните повреди на клучни играчи. Но, тоа не се одразува на резултатите, што е и најбитно.

„Тоа беше прекрасен натпревар, извонредно постигнување на мојата екипа, за што и’ искажувам голем комплимент. Уште еднаш можам да констатирам дека е несекојдневно ова што го прикажува екипата во тек на повеќе недели“ - изјави тренерот Томас Шаф, кој ретко се расфрла со комплименти. Овој пат и тренерот на поразените Хуб Стевенс ја пофали својата екипа, која во четвртокот имаше и тешка средба во Купот на УЕФА: „Мислам дека е поразот нормален по само 43 часови одмор од претходниот натпревар и можам само да искажам комплименти за тоа како мојата екипа се претстави денеска“.

Баерн ја постигна посакуваната победа против Арминија на гостувањето во Билефелд за да го зачува првото место, но освен тие 1 спрема 0 нема нешто посебно вредно во неговиот настап. „Добро, причина за тоа секако е играта на Арминија, која добро започна, со многу трчање и агресивност, смело и напаѓачки, па ние имавме многу работа“ - призна тренерот на Баерн Отмар Хицфелд, но ја истакна големата волја за победа кај неговите играчи.

Баер (Л) се етаблира во врвот

Баер Леверкузен на гостувањето во Берлин забележа убедлива победа од 3 спрема 0 против домашната Херта и се искачи на четвртото место. Тренерот Михаел Скибе нагласи: „Конечно успеавме да забележиме четврти последовен успех во Лигата и со тоа да се зацврстиме во горниот дел на табелата, што е многу важно за младиот тим. Многу се гордеам со мојата екипа, таа супер си ја изврши задачата“. Баер сега заостанува само 3 бодови зад третопласираниот Хамбургер.

Карлсруе падна едно место подолу по поразот од 2 спрема 0 на гости кај Енерги во Котбус, и има само еден бод предност пред Шалке. Вицешампионот од претходното првеснтво го доби малото регионално дерби против Бохум со 1 спрема 0. Еден бод зад Шалке, пак, на седмото место е Хановер, кој водството во Росток против домашната Ханза во финишот го претвори во убедлива победа од 3 спрема 0.

По неколку последовни добри резултати, бранителот на титулата Штутгарт е поразен од Борусија Дортмунд со 2 спрема 1 - и тоа на сопствен терен. Средбата донесе фудбал од висок квалитет. „Никој не типуваше на нас. Важно е дека покажавме поинаква реакција на туѓ терен. Минатата недела игравме лош фудбал и заслужено бевме поразени. Се виде дека можеме да играме и добро, ако е се’ добро во опкружувањето на тимот“ - прокоментира тренерот на Борусија Томас Дол, кој сега може малку да здивне.

На дното стана понеизвесно

Анјтрахт и Волфсбург одиграа нерешено 2 спрема 2. Покрај Енерги, многу важна победа во борбата за опстанок, иако со само 1 спрема 0, постигна и Дуизбург: прво затоа што го совлада директниот конкурент Нирнберг, а второ и поради тоа што домашните фудбалери, наместо подршка, беа изложени на протести од сопствените навивачи. „Затни ги ушите, ништо не слушај на теренот, главата горе и напред. Мислам дека момците ова го спроведоа многу добро. Можам само да кажам дека тие се обидоа да сторат се’ што е во рамките на нивните сегашни можности“ - рече тренерот на Дуизбург Руди Бомерт. Сега Нирнберг и Дуизбург имаат само еден бод повеќе од последнопласираниот тим Енерги, а Ханза е на два бода пред нив. Б. Вист / З. Јордановски

►◄