1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Верската омраза заслепува

29 октомври 2009

Многу муслиманки кои живеат на истокот на Германија се жалаат дека поради својот начин на облекување се чувствуваат дискриминирани. Духовите ги разбранува судењето за убиството на муслиманка кое се случи среде суд.

https://p.dw.com/p/KIGq
Илјадници луѓе положија цвеќе пред општинската зграда во Дрезден, каде беше убиена Марва Ел-ШербиниФотографија: AP

По убиството на една 32-годишна Египќанка во судница во Дрезден, муслиманите кои живеат во Германија се’ повеќе стравуваат од напади од верски побуди. Таквото чувство кај нив е особено присутно во источна Германија, каде ксенофобијата и верската нетолеранција се многу поизразени. Деновиве во центарот на вниманието е почетокот на судењето за тоа убиство, а на обвинителната клупа е еден 28 годишен Германец со руско потекло.

Беше тоа ужасен чин кој се случи на 1 јули во една судница во Дрезден. Еден 28-годишен Германец со руско потекло, со нож ја избоде Египќанката Марва Ел- Шербини. Претходно, таа против него поднесе пријава затоа што на едно детско игралиште во меѓусебна кавга, тој ја нарекол „проститутка“ и „терорист“. 32-годишната Ел- Шербини, која во моментот на нападот била трудна во трети месец, им подлегна на раните, додека сопругот беше тешко ранет. Во понеделникот, на 26 октомври, почна судењето на обвинетиот Александар В. кое привлекува големо внимание и од меѓународната јавност. Судницата на почетокот на процесот беше полна со луѓе. Роднини, пријатели и новинари од целиот свет допатуваа на почетокот на процесот.

Трагични последици од случајна кавга

Во август 2008 година на едно јавно детско игралиште во Дрезден, се сретнале аптекарката Марва Ел- Шербини и Александар В. Откако Ел-Шербини го замолила Александар да му отстапи на нејзиниот син една од лулашките, тој вербално ја нападнал, нарекувајќи ја „исламистка“, „терорист“ и „проститутка“. Поради навредите таа поднела пријава против Александар В., а судот во Дрезден донел одлука дека тој мора да плати казна од 780 евра. Незадоволно од пресудата, државното обвинителство поднело жалба на пресудата. Но, никој во обвинителството во тој момент не проценил дека постои каква било подготвеност на насилство, вели портпаролот на оваа институција Кристијан Авенариус:

„Тоа беше еден вообичаен случај во кој се работеше за навредливи изјави со непријателска содржина упатени кон странци. Од актите ни најмалку не беше препознатливо дека овој човек би можел да го нападне сведокот и да употреби оружје“.

30 секунди меѓу животот и смртта

Но, токму тоа се случи. Состојбата во судницата ескалираше, а Александар В. ја напаѓа Ел - Шербини со нож и во рок од 30 секунди и нанесува 18 убодни и смртоносни рани. Притоа на цел глас вика: „ти немаш право да живееш!“ Марва Ел- Шербини е во третиот месец од бременоста, а настанот се случува пред очите на нејзиниот тригодишен син и нејзиниот сопруг. Тој се обидува да и‘ помогне, но Александар В. и нему му задава удари со ножот, а потоа и еден полицаец ненамерно го застрелува со пиштол.

Ayyub Axel Köhler
Оваа латентна омраза кон странците мора да се најде на дневен ред на политиката- Аксел КелерФотографија: picture-alliance/dpa

Ахмед Аслауи од Исламскиот центар во Дрезден со страв вели:

„Потполно сме згрозени од убиството на Марва. Многу сме погодени и стравуваме дека тоа и во иднина би можело да се повтори“.

И навистина, многу муслиманки кои живеат на истокот на Германија се жалат дека поради својот начин на облекување се чувствуваат дискриминирани.

„Се плашам да излезам надвор, да отидам да пазарувам кога ќе падне ноќ. Од погледите на луѓето можете да сфатите што тие всушност мислат кога ќе те погледнат. Не знам дали притоа некој во својата ташна носи и нож?“

Мислењето на оваа муслиманка го дели и Аксел Келер, претседателот на Централниот совет на муслиманите, кој исто така присуствуваше на почетокот на судењето.

„Нашите жени и девојчиња се плашат. И онака се дискриминирани, особено кога носат шамии. Оваа латентна омраза кон странците мора да се најде на дневен ред на политиката“.

Автор: Сонила Занд / Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска