1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле против воена интервенција во Сирија

СН/АТ/ртр/дпа/миа3 јуни 2012

Додека германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја отфрла, Франција не ја исклучува можноста за воено интервенирање во Сирија, но само со мандат на ОН.

https://p.dw.com/p/1579e
Фотографија: dapd

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле утре (04.06.2012) патува на Блискиот Исток со цел на лице место да разговара за начините за ставање крај на насилството во Сирија. Во пресрет на блискоисточната турнеја Вестервеле во интервју за германскиот весник „Билд ам Зонтаг“ ја отфрли можноста за странска воена интервенција во таа земја. „Состојбата во Сирија е многу комплексна и не треба да се има лажна надеж дека воената интервенција би можела да донесе брзо решение на конфликтот“, изјави Вестервеле.

Францускиот министер за одбрана Жан Ив Ле Дриан, од друга страна пак, за време на Азискиот безбедносен самит во Сингапур изјави дека Франција би поддржала воена интервенција во Сирија само доколку таа има мандат од ОН.

„Францускиот претседател Франсоа Оланд не ја исклучи воената интервенција, но таа мора да има мандат од ОН“, рече Ле Дриан. Францускиот министер апелираше на Русија да престане да го поддржува сирискиот претседател Башар ал Асад и рече дека Русите мора да разберат дека не треба да се размислува за иднината на Сирија со Асад на власт.

„Се’ додека е тој на власт, мораме да го интензивираме притисокот, да ги прошируваме санкциите, да го мобилизираме јавното мислење, да го изолираме Асад колку што е можно и да ги натераме оние што се уште го поддржуваат да изгубат интерес тоа и натаму да го прават и при тоа, секако мислам на Русија“, рече францускиот министер.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот се спротистави на се’ поголемиот притисок врз Москва поради нејзиниот став за Сирија, изрази противање на воена интервенција и ја доведе во прашање ефикасноста на санкциите.