1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вечер за Македонија во Берлин

Силвера Падори21 април 2006

Синоќа Берлинчани во Европскиот културен центар “Зудост“ имаа прилика низ слајдови и пропратни коментари цел час да пропатуваат ширум Македонија. Целта на организаторите беше тукашната публика поблиску да се запознае со културното наследство, природните убавини и туристичката понуда кои земјата ги нуди

https://p.dw.com/p/Ac7G

Како и секоја презентација за Македонија, така и синоќешната во Берлин започна со македонската музика и песна, а заврши со виното од Тиквешијата и македонските специјалитети. Вечерта посветена на Македонија, практично е прва од ваков карактер за пошироката публика. Коментарите на стотината слајдови ги имаше Филине фон Опелн автрорка на водичот “ Откријте ја Македонија”, а најпрво збор имаше македонскиот амбасадор во Германија Ѓорги Филипов:

"

Фелине фон Опелн говори за новата држава Македонија, но јас ќе кажам некој збор за старата земја Македонија која се среќава уште во Библијата ”- кажа на почетокот Филипов потсетувајќи дека Апостолот Павле го имал првото патување во Македонија каде го проповедал божјото ослово. За Македонија според него - говори и еден друг апостол на модерната литература Габриел Гарсија Маркес во романот “100 години самотија ” каде се споменува мудриот македонски алхемичар. Филипов се осврна на културното наслество и современа Македонија, по што Филине фон Опелн преку слајдовите ги поведе гостите на пат низ Македонија.

Има толку многу да се види. Турата стартува од Скопје, преку Западна Македонија до двете големи езера - Охрид и Преспа, преку Мариово, Источна Македонија , Крива Паланка, Велес и назад до Скопје” вели фон Опелн која пред публиката презентираше стотина прекрасни слајдови од Скопје - амамите, џамиите, старата станица и модерните објкекти, Матка со дел од фреските, Маврово и Кораб, Охрид со Св. Јован Канео, Свети Наум, Света Софија, иконите, Галичица, Мариово кое поради напуштеноста е егзотично и интереснио за туристите и случајните намерници. За туристите од Германија веројатно исклучително атрактивни и магнет би можеле да бидат планините и дивината.

“Убаво е на Шар Планина во близина на Тетово, но може да се планинари на целиот потег од Западна Македонија - Маврово, Бистра, Кораб... и секако националниот парк Пелистер кој со планинарскиот дом и езерата е мој омилен” - забележува фон Опелн.

На вечерта посветена на Македонија имаше и претставник на туристичкото биро на Снежана Компала во чија понуда покрај останатите дестинации од Југозападна Европа е и Македонија. Таа вели дека се прават обиди преку ваквите вечери да и се претстави Македонија како културна и туристичка дестинација на германската публика и да се разбуди интересирањето. Сега агенцијата работи на подготовка аранжмани за наредната зима, но најголем проблем е скапиот авионски превоз за Македонија.

По презентацијата и дел од Македонците кои реагираа на слајдовите со сокаците и со по некое заборавено фиќо, наздравија со чаша македонско вино посакувајќи повеќе Германци во живо, а не само низ слајдови, да ја почувствуваат нивната татковина.