1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вештачки дождови против смогот и пожарите

АТ/ афп/дпа/ртре22 јуни 2013

Со денови воздухот во Сингапур е драматично лош. Причина е големиот пожар на плантажите на Суматра. Во меѓувреме се води истрага против 14 концерни, поради сомневање за подметнување пожар.

https://p.dw.com/p/18uSa
Фотографија: Reuters

Големите пожари на плантажите за палмово масло на индонезискиот остров Суматра, според податоците на меѓународната организација за заштита на природата Гринпис, се одговорни за драматично лошиот квалитет на воздухот во соседен Сингапур.

Шумските пожари годинава предизвикаа рекордно загадување на воздухот во Сингапур. Загадувањето се мери со ПСИ вредност. Кога ПСИ има вредност над 100, тоа значи нездрав воздух, над 300 значи опасност по здравјето. Индексот за смог, според владини извори, таму во меѓувреме ја преминал критичната граница од 400, што за болните и постарите луѓе може да биде опасно по живот. До денеска вредноста се намали на, и натаму опасните, 323.

Singapore Luftverschmutzung durch Brände in Indonesien
Кога ПСИ e над 300 значи опасност по здравјетоФотографија: Reuters

Индонезија во меѓувреме започна голема акција на гаснење на големите шумски пожари на островот Суматра. Притоа се употребуваат и хемикалии кои се прскаат во облаците, за да се предизвика вештачки дожд. Пожарите со денови предизвикуваат облаци чад од огромна големина и го загадуваат воздухот на Суматра, во Малезија и Сингапур. Здравствените власти ги предупредуваат луѓето да не излегуваат на отворено.

Заштитниците на животната средина се сомневаат дека пожарите биле намерно подметнати од земјоделците и сопствениците на плантажи, за нивните полиња да ги подготват за насади. Поради сомневање за подметнување пожар индонезиските власти започнаа истрага против 14 фирми.