1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Веќе не смее да се губи време!

Тони Гламчевски1 октомври 2008

Интервју за спорот со името со Аристотелис Павлидис, грчки пратеник од редовите на владеачката Нова Демократија, кој е нов шеф на грчката парламентарна делегација при Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

https://p.dw.com/p/FS1O
Аристотелис ПавлидисФотографија: Toni Glamcevski

Господине Павлидис, Вие добро го познавате прашањето за името на Република Македонија, конфликт кој трае веќе осумнаесет години. Според Вас, зошто не може да се најде прифатливо решение, посебно ако се знае дека се најдени решенија за многу потешки конфликти од овој со името?

Павлидис: „Проблемот кој постои меѓу Грција и „Поранешната Југословенска Република Македонија“ го следам уште од почетокот на неговото појавување. Во тоа време јас бев министер за поморска трговија во владата на Мицотакис. Сега посакувам и сметам дека е дојдено време проблемот да биде завршен. Во минатото, постоеја периоди кога имав впечаток дека постоеја поповолни услови и атмосфера за да се најде решение. Всушност, постоеја моменти кога верував дека сé беше подготвено да се најде заедничка идеја за разрешување на проблемот. Грчката страна направи сериозна отстапка, таа направи нешто што до пред неколку години мислевме дека беше невозможно да го направи. Јас сметам дека Скопје сега треба да направи слична постапка. Историјата ни‘ има докажано дека непопустливоста не носи среќа.

Се надевам дека напорите на сите оние кои веруваа во можност за решение на проблемот нема да бидат попусто и дека ќе завладеат малку посмирени идеи. Ова го велам како поранешен министер за трговската морнарица, кој имаше можност, на времето, да воспостави добри трговски односи со „Поранешната Југословенска Република Македонија“. Знаете, јас сум еден од пратениците кој на времето гласаше за приемот на „Поранешната Југословенска Република Македонија“ во Советот на Европа и се надевам дека за проблемот што постои набрзо ќе биде најдено решение, за да можат двете земји заедно да напреднат кон други цели.“

Кога се гледа на судирот околу проблемот за името на Републиката и за името Македонија, овде во Франција се користи изреката „Грчка караница“ или „Византиска караница“ - дали се согласувате со ова и што мислите дали другите, кои не се вмешани во конфликтот за името, ја разбираат позицијата на Атина и на Скопје?

Павлидис: „Луѓето многу малку ги знаат нашите мислења, а уште помалубројни се оние кои сакаат да ги знаат. Но, многу поважно е што ние знаеме и што ние сакаме. Ние ги знаеме работите такви какви што се и посакуваме да бидеме добри соседи, затоа повеќе не смее да се губи време!“

Дали грчките парламентарци и парламент се добро информирани за текот на преговорите кои се водат под закрила на ООН и со посредство на Нимиц, ако притоа се знае дека владеачкото мнозинство и опозицијата во Грција имаат постигнато политички консензус, кога станува збор за прашањето со името?

Павлидис: „Секој месец госпоѓата Бакојани, министерот за надворешни работи, ја информира Комисијата за надворешни работи и за одбрана на парламентот за напредокот што е постигнат во текот на месецот. При овие редовни месечни информации, доминантна е дискусијата за, како што ние го нарекуваме „проблемот со Скопје“. Членовите на комисијата се обидуваат и ја охрабруваат министерката за надворешни работи да продолжи во напорите за изнаоѓање решение. Паралелно со оваа комисија, сите дискусии кои се однесуваат за прашања поврзани со надворешната политика во парламентот, секогаш се во иста насока. Најпрво, потребно е да се реши проблемот, а потоа да не се губи време за да се постигне заеднички напредок.“

Господине Павлидис, сигурно сте во тек со тоа дека постојат големи разлики кај политичарите во Република Македонија, поточно меѓу премиерот Груевски и претседателот Црвенковски, во поглед на решението на прашањето за името. Што мислите Вие за овие разлики и дали тие го оддалечуваат постигнувањето решение за името?

Павлидис: „Во мојата земја зборот „поделби и разлики“ не‘ потсетува и кај нас буди стари и болни спомени. Посакувам да не дојде до ист резултат кај нашата соседна земја. Посакувам политичките партии и фактори во Скопје да најдат заеднички договор меѓу нив, на начин, кој потоа ќе ни‘ дозволи да најдеме брзо решение.“

Ако набрзо биде најдено решение меѓу Скопје и Атина за проблемот со името на Република Македонија, дали грчкиот парламент брзо ќе го ратификува тој договор, бидејќи тој досега го нема ратификувано времениот договор?

Павлидис:Ова се технички и правни прашања, но мислам дека ако е потребно резултатот од преговорите да помине преку ратификација од парламентот, тогаш парламентот ќе го ратификува тој договор.“

Господине Павлидис, мислите ли дека, како што се зборува, решение за проблемот со името ќе биде најдено пред истекот на мандатот на американскиот претседател Џорџ Буш?

Павлидис:Тоа ми изгледа тешко. Според мене, не треба да се брза, бидејќи не станува збор за едно прашање кое трае од пред еден месец, туку од пред осумнаесет години.“