1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вжештена дебатата - луксуз се две парламентарни седишта на ЕУ!

Џоана Импеј / Кристина Озимец18 ноември 2012

Како може ЕУ да има две парламентарни седишта сред кризата на еврото? Група парламентарци врши притисок да се прекинат сите седници во Стразбур и парламентарните дебати да ги има само во Брисел.

https://p.dw.com/p/16eEz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Домот на Европскиот парламент е во Брисел, блиску до другите клучни ЕУ-институции, Европската комисија и Европскиот совет. Сепак, од историски причини, целиот парламент е обврзан да одржува 12 пленарни седници годишно во градот Стразбур, во источна Франција.

Ова значи дека цела една недела, секој месец, сите 750 членови на Европскиот парламент, плус илјада луѓе од персоналот, мора да патуваат во Стразбур со авион, воз или автомобил.

Вкупните трошоци за одржување на паралелната операција во Стразбур се проценуваат на 170-200 милиони евра годишно, или повеќе од десет проценти од вкупниот годишен буџет на Парламентот. Според парламентарците кои повикуваат да се прекине ваквата пракса, освен финансиски, постојат и еколошки последици, со емисија на дури 19.000 тони ЦO2.

Граѓанско движење

Ваквите трошоци доаѓаат во време кога кризните мерки на штедење во многу европски земји ги присилуваат обичните луѓе да штедат во својот секојдневен живот. Многумина прашуваат зошто уште одамна не е направено нешто, за да се скрати трошењето на Стразбур. Повеќе од 1,2 милиони граѓани на ЕУ веќе потпишаа петиција за да се определи едно парламентарно седиште во Брисел.

„Проблемот е што всушност Европскиот парламент нема право на збор по ова прашање. Да имаше, досега сигурно ова ќе беше променето уште многу, многу одамна“, смета Александер Алваро, германски европарламентарец од редовите на Либералите.

Расположението за промена расте помеѓу европарламентарците, од кои повеќето ја поддржуваат идејата целата парламентарна работа да се завршува под еден покрив. Само пред неколку недели, во гласање во Европскиот парламент, 74 проценти од европарламентарците гласаа за да се подготви план за едно парламентарно седиште на Европската унија. Против гласаа само 21 процент од членовите на парламентот, од кои повеќето беа Французи.

Правни прашања

Проблем за оние кои сакаат да се ослободат од стразбуршките парламентарни сесии е што во договорите на Европската унија се вели дека парламентот мора да се состане во францускиот град 12 пати годишно. Франција константно го блокира секој обид да се променат договорите.

„Договорите може да се променат од земјите членки, но само ако се едногласни, а ние знаеме дека Франција ја блокира процедурата досега. Сепак, верувам дека и тие ќе согледаат дека ова мора да се промени веднаш“, вели Алваро.

Но Натали Грисбек не верува во овие тврдења. Како и Алваро, таа е член на либералната алијанса, но на темата за Стразбур двајцата политичари едвај можат да се погледнат во очи.

Europäisches Parlament Europa-Parlament Strassbourg
Целиот парламент е обврзан да одржува 12 пленарни седници годишно во СтразбурФотографија: dpa

„Договорите велат дека најважните институции во Европската унија треба да бидат раширени низ земјите членки. Франција го има правото да биде домаќин на Европскиот парламент во Стразбур. Ова е многу важна правна причина“, смета таа.

Грисбек одбива да ја прифати идејата за промена на договорите: „Како член на Европскиот парламент, мислам дека имаме доволно да се грижиме и имаме поважни работи за решавање отколку да трошиме енергија на менување на договорите“.

Во последниот обид да се прескокне Стразбур, Европскиот парламент реши да одржи две различни парламентарни сесии во една недела во октомври, за прв пат во една таканаречена „супер сесија“. Средата беше оставена слободна за да се разделат двете половини од неделата.

Се очекува Европскиот суд на правдата да пресуди дека овој потег на заобиколување на обврската во договорот да се одржат 12 пленарни седници во една година во Стразбур бил паметен, но нелегален. Судот се‘ уште треба да ја донесе својата официјална пресуда по прашањето, па парламентот продолжи со својот план.

Историски град

Невозможно е да се оспорува дека Стразбур е прекрасен град. Историски центар со преубави згради, необични улици и место на Готската катедрала, која е прогласена за светско културно наследство од страна на УНЕСКО.

Straßburger Münster
Стразбур е убав град, хотелите и рестораните се постојано резервирани за политчарите, лобистите и новинаритеФотографија: AFP/Getty Images

Оние кои поседуваат бизниси во Стразбур се длабоко загрижени за потенцијалното губење на приходи со „губењето“ на парламентот. Хотелите и рестораните се континуирано резервирани кога политичарите, лобистите и новинарите се во градот.

Дел од оние кои се залагаат за промена, предлагаат повеќе идеи со кои би се спречил ударот врз локалната економија, како на пример - отворање елитен европски универзитет.

„Ако имаме висококвалитетен универзитет, како Харвард или Стенфорд, ние самите ќе креираме средина каде економскиот бенефит нема да се редуцира на само 12 недели годишно, туку преку целата година“, вели Александар Алваро.

Но дури и најоптимистичните, не очекуваат дека ситуацијата ќе се промени во наредните пет години, со оглед на огромните судски пречки. Во меѓувреме, правните расправии обезбедуваат одличен приход за многу адвокати.