1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вигенин: Македонија мора да ги реши проблемите со соседите

БГ/миа10 јануари 2014

Шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин од Скопје вети поддршка за ЕУ, но побара прво да се решат проблемите.

https://p.dw.com/p/1Aodj
Фотографија: BGNES

Софија го поддржува европскиот пат на Македонија, но прашањата кои се во агендата со соседните земји, поконкретно со Грција и Бугарија, треба да бидат решени, порача бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, кој денеска (10.01) во Скопје имаше средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски и обраќање на дипломатската академија на МНР.

„Прашањата за добрососедство и соработка се едни од клучните теми за кои се проценува подготвеноста на една земја да почне преговори за членство во Европската унија. Ваш интерес е овие услови да бидат исполнети максимално брзо, бидејќи ние би сакале земјите од Западен Балкан што побрзо да станат дел од ЕУ“, рече Вигенин во своето обраќањето на тема „ЕУ и Западниот Балкан: Предизвици во 2014 година“.

Тој нагласи дека разговорите во однос на договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија продолжуваат и оти очекува наскоро да има позитивни и конкретни чекори и резултати.

„Се надевам дека многу брзо ќе можеме да ги покажеме резултатите и постепено без да се ангажираме со некакви рокови и непотребно брзање да стигнеме до потпишување на овој договор. Паралелно со овој процес, ако се отворат и проблемите кои постојат со Грција, Република Македонија многу брзо ќе може да ги почне преговорите за членство во ЕУ“, нагласи Вигенин.

Во последниве неколку месеци, како што рече, има напредок во преговорите за договорот за добрососедство и соработка.

„Мислам дека нашата политика - паралелно со преговорите да се обидеме да направиме развој на соработката и во други сфери кои ќе создадат подобра атмосфера во нашите односи - дава резултати. Сметам дека и медиумите од двете земји треба да се обидат да се покажат позитивното во овие односи. Тоа ќе помогне за подобро разбирање и ќе даде шанса да ги решаваме и потешките прашања, кои не се многу, но се важни и не треба да бидат избегнувани. Замачкувањето на тие прашања не е опција и треба да се обидеме, градејќи ја оваа доверба, да стигнеме до можност да зборуваме за тешките проблеми без тие да бидат препрека за развојот на нашите односи“, прецизира шефот на бугарската дипломатија. Македонија, посочи тој, ќе има поддршка од страна на Бугарија и кога тоа ќе биде потребно ќе го споделува своето искуство и начинот на кој ги решава прашањата неопходни за членство во ЕУ.