1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десничарите канат на бал

ЖА/дв/дпа/апф25 јануари 2014

Околу 6 илјади луѓе во Виена протестираа синоќа, делумно насилно, против т.н. „Бал на академците“, организиран од десницата. Повредени се повеќе полицајци, а уапсени се повеќе лица.

https://p.dw.com/p/1Ax2s
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

По синоќешните судири меѓу демонстрантите и полицијата поради одржување на десничарскиот „Бал на академците“ во Виена, уапсени се 14 луѓе, а повредени се 17 активисти и петмина полицајци.

Балот во организација на десничарската Партија на слободата, како што и се очекуваше, беше проследен од жестоки протести и големо полициско присуство на улиците во градот. Заштитната зона околу локацијата каде се одржуваше балот беше поголема отколку при посетата на американскот претседател Буш во 2006. година. Балот и неговите гости го заштитуваа над две илјади полицајци. Новинарите и медиумските претставници протестираа поради ограничените услови за работа. Беа организирани повеќе демонстрации против десницата, со повеќе автобуси во Виена допатуваа и демонстранти од Германија. По растурањето на демонстрациите се судрија противниците на балот и полицијата.

Wien - "Akademikerball"
Фотографија: Reuters

Сојузот „Офанзивно против десницата“, еден од организаторите на демонстрациите, ја критикуваше полицијата поради примена на прекумерна сила. Портпаролот на полицијата Роман Хаслингер демантираше дека полицијата употребила прекумерна сила, нагласувајќи дека чуварите на редот морале да дејствуваат, бидејќи учесниците во протестите кршеле излози и напаѓале невини граѓани.

На „Балот на академците“ учествуваат припадници на десничарските организации, а често гости се и лидерите на десничарските организации од Европа, како пред две години, кога присуствуваше и шефицата на француската десничарска партија, Националниот фронт, Марин Ле Пен.

Слободарската партија на Австрија инаку на парламентарните избори во септември лани освои 20,5 проценти од гласовите и стана трета по сила.