1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Визната либерализација тема на состанокот во Луксембург

15 јуни 2009

Либерализацијата на визниот режим за земјите од Западен Балкан е една од точките на денешниот (15.06.2009) дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Луксембург.

https://p.dw.com/p/I9SK
Европските министри за надворешни работи ќе расправаат за визна либерализацијаФотографија: AP

На состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на Европската унија ќе биде претставен извештајот на Европската комисија, во кој се наведуваат оценките за напредокот на дијалогот за либерализација на визниот режим со Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе го поздрават извештајот на Европската комисија. Според нивните оценки, извештајот го рефлектира јасниот напредок на тие земји во исполнувањето на условите за либерализација на визниот режим.

Во тој контекст, во нацрт-заклучоците што денеска треба да бидат усвоени во Луксембург стои дека „Советот на министрите ја охрабрува ЕК да предложи измена на законодавството за да се добие визна либерализација идеално до крајот на 2009 година“. Во нацрт-заклучокот се вели и дека, „имајќи ја предвид регионалната димензија на визната либерализација за Западниот Балкан, Советот подвлекува дека е важно сите држави да стигнат до визна либерализација“.


Македонија треба да се најде на „белата шенген листа“

Тоа што Македонија не се споменува поединечно како земја со најнапреднато досие во визната либерализација, како и зборот „идеално“, според толкувањата на некои европски дипломати, е израз на колебањата на некои земји кои не сакаат да се споменуваат датуми со кои ЕУ би се обврзала за што и да е кон земјите од Балканот.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Засега се’ уште е неизвесно колку земји од Западен Балкан од идната година ќе се најдат на „белата шенген листа“, но речиси е сигурно дека тоа ќе бидат Македонија, Србија и Црна Гора.

Иако само овие три земји исполнија најголем број услови, во изјавата на шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе бидат спомнати и Босна и Херцеговина и Албанија, кои мораат уште многу да направат за да се најдат на „белата шенген листа“. Европската комисија во прелиминарниот извештај за визната либерализација, оцени дека Македонија е најнапредна од земјите во регионот.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ во Луксембург ќе ја повикаат Европската комисија што поскоро да го направи предлогот за укинување на визниот режим на земјите од Западен Балкан, водејќи сметка за постигнатиот напредок од земјите.

Министрите треба да ја поддржат регионалната соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа, подвлекувајќи дека таа соработка е важен елемент за европската перспектива на Западен Балкан.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска