1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Викиликс: Фер или не, без компромис за името нема во ЕУ

10 декември 2010

Праведно или не, Македонија ќе мора да направи компромис за името доколку сака во ЕУ. Ова е заклучокот од средбата, која во 2009-та во Стокохолм ја одржале американскиот дипломат Гордон и високи претставници на ЕУ

https://p.dw.com/p/QV7M

Македонија ќе мора да направи компромис меѓу своите разумни ставови во однос на идентитетските прашања и нерезонските потези како што е преименувањето на аеродромот во главниот град, за да се дојде до решение за спорот за името. Американскиот помошник-државен секретар за европски прашања Филип Гордон и група високи претставници на ЕУ во Стокхолм во јули 2009-та, дошле до заклучок дека обете страни во спорот за името, и Македонија и Грција, ќе мора да отстапат од своите тврди позиции за да се дојде до решение.

Деталите од разговорите ги објавува Викиликс како нова епизода од откриените илјадници тајни документи на американскиот Стејт Департмент.

„Македонците ќе мора да отстапат од некои работи како преименувањето на аеродромот, но тие имаат разумен став за други теми како што е нивниот јазик, името на државјанството итн.“, изјавил Гордон на состанокот. САД, вели понатаму американскиот дипломат, се уште го оставаат медијаторот Метју Нимиц да го води процесот за решавање на името, и укажува дека заменик-државниот секретар Џејмс Стајнберг разговарал со грчката страна. Неговата оценка е дека обете страни ќе треба да попуштат во разговорите.

Philip Gordon und Ali Ahmeti
Американскиот помошник државен секретар Филип Гордон и Али Ахмети во Скопје, мај 2010Фотографија: MIA

Швеѓанецот Бјорн Лирвал, политички директор во ЕУ, чија земја во тој период претседаваше со Унијата, најавил дека Македонија може да се надева на „релативно позитивен извештај“ за напредокот во 2009-та. Но, според Лирвал, за да отиде и чекор понатаму во европската интеграција, „фер или нефер, Македонија ќе мора да направи компромис за името“.

Западниот Балкан во фокусот на средбата

Состојбата на Западниот Балкан била една од подискутираните теми на средбата, а Гордон барал зачестена соработка и поголема иницијативност на САД и ЕУ во регионот.

Викиликс денеска објави серија депеши кои американските дипломати ги испраќале од земјите на Балканот. Во документите испратени од Белград, Сараево, Приштина и Загреб се говори за Косово, за потрагата по обвинетите за воени злосторства и соработката со Хашкиот трибунал, политичката состојба во БиХ, односите на Србија и Русија, и корупцијата во Хрватска.

Вчера интернет платформата ги објави и првите белешки кои потекнуваат од американската амбасада во Скопје, а претходно до јавноста стигнаа и неколку разговори на американски и европски дипломати во врска со спорот за името водени во Париз.

Автор: Борис Георгиевски/ викиликс

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема