1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Israel Katsav

30 декември 2010

Поранешниот израелски претседател Моше Кацав денеска е прогласен за виновен за силување во два случаи и за сексуална принуда. Спектакуларниот судски процес се водеше за три случаи на жени соработнички на Кацав.

https://p.dw.com/p/zrWc
Моше Кацав е прогласен за виновен по речиси сите точкиФотографија: picture alliance/dpa

Моше Кацав не сметаше со тоа. Поранешниот израелски претседател е прогласен за виновен по речиси сите точки од обвинението. Единствено не можеше да биде докажано обвинението за вознемирување сведоци. Судот пресуди дека Кацав е виновен во два случаи за силување, потоа за сексуална принуда и за вознемирување на потчинети лица. Според судиите, Кацав силувал една вработена во неговото министерство во времето кога бил министер за туризам, во деведесетите години на минатиот век. Освен тоа, како претседател на државата, вознемирувал и сексуално принудувал две свои вработени. Обвинителката Ронит Амиел се обрати на жртвите, кои во процесот се појавија во улога на сведоци и кои во Израел се познати само со иницијали:

„Јавноста ве знае само со иницијали. Но, ние кои ве запознавме за време на целиот процес, ние кои видовме колку бевте храбри и решителни, денес ве поздравуваме со почит и убедени сме дека пораката што денеска излегува од судот и е упатена до жртвите на злоупотреба, гласи: ’Не молчете!’“

Flash-Galerie Moshe Katsav Katzav
Кацав при напуштањето на судот денеска, 30.12.2010Фотографија: AP

Тешко мигови за семејството

Кога првите вести за пресудата „излегоа“ од судската сала, пред вратите на судот се слушнаа извици на поздрав. Пред вратите беа неколку десетици жени со плакати, кои бараа правда за жртвите на сексуална злоупотреба и силување. Наспроти тоа, кај поддржувачите на екс-претседателот има големо разочарување. Неговиот син Ариел, кој го придружуваше Кацав заедно со адвокатите во судот, по прогласувањето на пресудата изјави:

„Ова се тешки мигови, тешки мигови за семејството, но ние и натаму ќе бидеме горди на татко ни‘, осмиот Претседател на државата Израел. И натаму ќе одиме исправени и целата нација, со божја помош, ќе знае дека тато, осмиот Претседател на државата Израел, е невин.“

Одбраната на Кацав најави ревизија

Експертот за право на израелското радио, Моше Негби, ја оцени пресудата како доказ за постоењето правна држава во Израел:

„Ова, без сомнение, е тежок ден за Моше Кацав, ден на срам за него. Но, мора да се каже дека е ова голем ден за израелската демократија и за израелскиот правен систем. Зашто, прво, се докажа дека кај нас важи дека сите се еднакви пред законот и дека и за „првиот граѓанин“ нема попуст. Второ, со пресудата се брани достоинството и слободата на жената. Таа се штити од моќта на мажот, на политичарите, шефовите, генералите. Тоа е важен сигнал, што треба да ја охрабри жената да пружи отпор.“

Во иста смисла се и оценките на премиерот Бенјамин Нетанјаху и лидерката на опозицијата Ципи Ливни. 65-годишниот Моше Кацав по соопштувањето на пресудата мораше да го предаде пасошот и не смее да ја напушти земјата. Колкава казна ќе добие, се‘ уште не е соопштено. Таа се движи од 4 до 16 години затвор.

Автор: Бетина Маркс / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев