1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виното на цена, винарите под притисок

Г. Кене/ А.Трајковска 18 јуни 2013

Религиозно-конзервативната влада во Турција масовно ја ограничува продажбата на алкохол, иако во моментов турските вина се на цена. Винарите засилено ставаат акцент врз квалитетот и добиваат меѓународни награди.

https://p.dw.com/p/18dnI
Фотографија: dapd

Виновите лози во Тракија, на крајниот запад на Турција, се протегаат речиси до морето и имаат сонце во изобилство. Тука уште пред 3.000 години имало лозници.

Џем Четинтас е страсен винар. Пред десет години започна со садење лозов насад. Денес тој е исклучок во тој крај. „Во изминатите десет години овде, во овој регион беа уништени многу лозови стебла и беа заменети со маслинови дрвја. Порано државата им го откупуваше грозјето на винарите, најчесто за производство на гроздова ракија. Кога тоа престана, земјоделците повеќе не можеа да најдат купувачи и мораа да се откажат“.

На муслиманите алкохолот им е забранет. Но, во Хоској, селото на винарот Четинтас, никој тоа не го сфаќа толку сериозно. Со децении овде се живееше од лозарство - се' до доаѓањето на власт на религиозно-конзервативната влада:

„Оваа влада го уништи лозарството. Откако ги разбија државните производители на алкохол, цените за килограм грозје паднаа од околу 70 на 10 центи“.

Цената на грозјето паѓа, даноците за алкохол растат. Во иднина на шишињата во винарската визба на Четинтас треба да бидат лепени етикети со предупредување, слично како кај цигарите. Тоа предвидува еден предлог-закон на владата.

Weinernte im Elsass
Турските винари за момент посакуваат да живеат во Франција или ИталијаФотографија: picture-alliance/AFP Creative

Премиерот Реџеп Таип Ердоган неуморно образложува дека неговата борба против алкохолот е заради здравје на населението и заштита на младината и негира дека е религиозно мотивирана.

Продавачите на алкохол во истанбулската населба Ускудар веќе ја чувствуваат новата политика. Тие ги симнуваат рекламите за пиво, оти во продавници во близина на џамија или училиште веќе не смее да се продава алкохол. И на Харун Булбул властите му дадоа рок од две недели. Сега мора да ги отстрани и последните шишиња алкохол од регалите и да ја покрие рекламата. А, продажба на алкохол на помлади од 21 година и онака е забранета, вели огорчено трговецот:

„Сто метри оддалеченост од некое училиште се забранети, но 101 метар не се проблем? Смешно. Ако сега смеам да продавам само безалкохолни пијалоци, за два до три месеци ќе банкротирам“, вели сопственикот на киоск Булбул.

Конзервативните жители на Ускудар, напротив, ги одобруваат тие нови мерки против алкохолот на градската управа верна на владата:

„Тоа е многу штетно и не смее да се продава во близина на училишта.“

Istanbul Panorama
Во близина на џамија и на училиште не смее да се продава алкохол во ТурцијаФотографија: DW/Cizmecioglu

„Владата мора да ги сузбива алкохолот и тутунот“.

„Многу добри мерки. Им честитам на властите!“

Неколку километри понатаму - дегустација организирана од турските винари. Ситуацијата на браншата е парадоксална: и покрај политичкиот притисок, таа незапирливо расте. Никогаш немало толку турски марки вино како денес, оти се се' поомилени кај странците:

„Турските вина во изминатите две години освоија повеќе од 500 награди во светот. Затоа владата не поддржува во областа на туризмот и извозот. Но, кога е во прашање продажба во сопствената земја, ни поставува се' повисоки пречки пред се' при продажбата и рекламата“, истакнува Танер Огутоглу.

Турско вино наскоро само во странство? На љубителите од Истанбул им останува само надеж:

Rotwein Einschank mit Essen
Турското вино ќе може да се пие само во странство?Фотографија: Fotolia/Nick Freund

„Притискот значително се зголемува, има се' повеќе ограничувања, без сомнение. Но, не сакам да ја загубам надежта“.

„Владата нема да успее од 75 милиони Турци да направи религиозни луѓе“.

Во винската визба на Џем Четинтас ферментира мерло од Тракија. Младиот винар не дозволува да го скршат, дури ни со анонимни пријави поради илегално производство на алкохол и рации на финансиската полиција. Меѓутоа понекогаш посакува да бил винар во Италија или во Франција.

„Моите колеги винари во Западна Европа ги сметаат за благородници во земјоделството. Во Турција е сосем поинаку. За се' ни е потребна дозвола, постојано мораме да доставуваме барања и да плаќаме вонреден данок“, вели винарот Четинтас.

Дали на сликовитите ритчиња кај Мраморното Море и во иднина ќе се одгледува грозје за вино? Со оглед на политиката на Анкара кон алкохолот, тоа веќе не е сигурно.