1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вирусот Западен Нил се шири на Балканот

Александар Методијев/афп/макфакс8 септември 2012

Еден пациент, хоспитализиран во Славонски Брод во Хрватска, најверојатно боледува од вирусот Западен Нил, јавуваат хрватските медиуми. Во Србија три лица веќе починаа од оваа болест, а во Грција и еден старец.

https://p.dw.com/p/165PI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хоспитализираниот 65-годишен Хрват на крајот од јули бил во Војводина, Србија, каде вирусот ги однесе и првите жртви, а во болницата е примен на 12. август. Пациентот бил примен во тешка состојба со воспаление на мозокот, а денес е во стабилна состојба. Од Хрватскиот завод за јавно здравство соопштуваат дека лекарите се посомневале на оваа болест врз основа на клиничката слика со менингоенцефалитис (воспаление на мозочните обвивки, н.з.) и поради неговиот престој во Србија. Резултатите од анализата укажувале на инфекција со вирусот Западен Нил, којашто е потребно дополнително да се потврди со тестови во референтна лабораторија. Претходно овој вирус во Хрватска беше пронајден кај коњи во Славонија.

Future Now Projekt Viren Bild 6 WestNil-Fieber
Изгледот на вирусот Западен НилФотографија: Bernhard-Nocht-Institut

Во Србија досега од овој вирус починаа три лица, додека заразени се 37. Последната жртва е 60-годишна жена, која била заразена на 20-ти август, но оттогаш се чекале резултатите за нејзината болест. Таа починала непосредно по приемот во Клиниката за инфективни болести во Белград. Таму се хоспитализирани 20 сериозно болни пациенти. Кај петмина од нив е потврден вирусот Западен Нил, додека за другите се чекаат резултатите. Починатите лица во Србија се на возраст меѓу 68 и 81 година и имале хронични срцеви проблеми.

Здравствените власти ги повикаа жителите на Србија да се заштитат од каснување на комарци, првенствено со избегнување на места на кои се наоѓаат инсектите или, пак, со поставување на мрежи на прозорците и вратите. Властите најавија дека овој викенд ќе прскаат против комарци за да го намалат нивниот број. На почетокот од неделава министерката за здравство Славица Ѓукиќ Дејановиќ изјави дека не постои опасност во Србија да се создаде епидемија од вирусот Западен Нил.

Asiatische Tigermücke
Вирусот не се пренесува од човек на човек, туку со каснување на комарциФотографија: CC/somaskanda

Во Македонија се’ уште нема случај на заболен човек или животно од овој вирус.

На крајот од август годинава постар Грк почина од компликациите предизвикани од вирусот Западен Нил. Тој во земјата се појавува по 85 години од неговото искоренување во Грција. Во земјата имаше епидемија во периодот од 1927-ма до 1928-ма година.

Болеста не може да се пренесе од човек на човек. Вирусот се пренесува преку заразени комарци. 80 отсто од случаите на инфекција поминуваат без симптоми, додека кај 20 отсто од случаите се развива болест со благи симптоми, кои наликуваат на настинка или грип. Ретко може да се развие тешка болест со симптоми на менингоенцефалитис, односно воспаление на мозочните обвивки и мозокот. Најразлични категории се старите луѓе и луѓето со оштетен имунитет.