1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Високата цена на нафтата - криза или шанса?

22 ноември 2007

Цената на суровата нафта на берзата во Сингапур надмина 99 долари за барел и прашање на време е кога ќе прескокне и 100 долари. Но, произлегува ли од ова безусловно и нова нафтена криза? Коментар на Ролф Венкел.

https://p.dw.com/p/CQ3o
Потребата од нафта расте, со тоа и ценатаФотографија: AP

Нафтата е школски пример на функционирање на законите на пазарната економија: побарувачката и понудата ја определуваат цената. Побарувачката расте - нафтата е енергетска основа на стопанскиот пораст во Кина, погон за автомобилите во САД, а на северната полутопка започна и грејната сезона. Понудата, пак, расте многу побавно: врз неа влијаат политичките неизвесности и закани, техничките потешкотии за проширување на капацитетите на рафинериите и нефлексибилноста на Организацијата на земјите-производителки на нафта, од кои само Саудиска Арабија може во краток рок да го зголеми црпењето нафта, но постојано е спречувана во тоа од другите членки.

Врз цената влијаат и шпекулантите - во последниве недели тие ја потераа толку високо. Тоа е како самоисполнувачко пророштво: цената расте оти сите веруваат дека ќе расте, а шпекулантите на берзите играат токму врз натамошен пораст на цените. По кризата со недвижнини, акциите станаа неинтересни за таканаречените Хеџ-фондови и парите сега ги вложуваат во договори за нафта.

Како шокот од цената на нафтата ќе се одрази врз светското стопанство?

Во Европа веројатно многу помалку, отколку што некои страхуваат, оти доларот значително загуби на вредност во однос на еврото, а со нафта главно се тргува во долари. Но, на САД им се заканува рецесија. Скапата нафта помалку ги тангира Европејците и затоа што научија како да се однесуваат со тоа - хемиската индустрија, металопреработувачите и другите енергетски интензивни бранши драстично ја зголемија ефикасноста во користењето на енергијата.

За ист стопански пораст денес е потребна само половина од енергијата во споредба со ситуацијата пред 20 години. Потоа, во подем се бранши кои трошат споредбено малку енергија - банкарскиот сектор, информатичката технологија, услужните дејности. И во целиот свет релативно погледнато, нафтата е помалку важен производен фактор отколку пред 20 години. Затоа, и да достигне цената на нафтата 150 долари за барел, тоа нема да го парализира целиот стопански живот.

Наместо за криза, подобро е да се зборува за шанса

Во секоја експлозија на цената има и нешто здраво: таа ја принудува индустријата уште поефикасно да ја користи енергијата, ги принудува потрошувачите да се ориентираат кон поекономични автомобили и огрев, а производителите на енергија посилно отколку досега да инвестираат во истражување и користење алтернативни, обновливи извори на енергија како сонце, вода, ветер, земјина топлина, биомаса. Колку ќе биде поскапа нафтата, толку повеќе ќе се исплати секоја инвестиција, која ја намалува нашата зависност од нафта.