1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Висока мода од фотографии

Анке Безенберг / Александар Методијев9 август 2013

Лелеава летна мода со посебен дизајн. На посебни материјали се печатат лични фотографии. Идејата е на модната дизајнерка Силвија Хилнхитер-Хофман од градот Кројцтал во Северна Рајна Вестфалија.

https://p.dw.com/p/19E0j
Bunte Stoffe
Фотографија: AP

Муштериите често сами и’ ги носат фотографиите на дизајнерката, бидејќи сакаат конкретни мотиви или спомени да имаат на својата облека.

„Ова ќе биде блуза за една жена, која раководи со зеленчукова и биоградина во Кромбах. А, овошјето и цвеќињата, кои ги гледаме овде, се токму од нејзината градина“, вели дизајнерката Силвија Хилнитер-Хофман, покажувајќи кон парчето облека што го работи во моментов.

Шиењето е голема страст за 48-годишната дизајнерка. Пред три години таа своето хоби го претвори во професија. Всушност таа е наставничка, но шие уште од тинејџерските денови.

„Јас ова го правам веќе многу долго време - откако имав околу 16 години. Бидејќи ништо не се фрлаше, баба ми од старо правеше ново, а јас секогаш седев додека таа шиеше и гледав, набљудував, па така таа тоа мене некако ми го пренесе. И така да речам, се вљубив во тоа самата да направам нешто, бидејќи си мислев - барем нема да одиш облечен како сите други“, вели дизајнерката.

Сите материјали Силвија Хилнхитер-Хофман ги дизајнира сама. Во најголем дел мотивите сама ги избира, ги фотографира и ги обработува на компјутер. Материјалот потоа специјално се подготвува, а за сето тоа е потребно многу време.

Bildergalerie afrikanische Dirndl
Фотографија: DW/M.Braun

„Би можело да се каже - добро, од понеделник до петок е доволно, но мене тоа ми прави големо задоволство, по што седнувам на компјутерот, а тоа секако одзема време. Освен тоа си мислам дека овде или онде би можела да направам нешто повеќе, дека таму би можело да биде некако поинаку, поинаку да се обои или, пак, да се зголеми. А, потоа од семејството ми велат - сега е сабота или недела и веројатно би можело да се прави нешто друго освен да се седи пред компјутер или пред машината за шиење. Понекогаш не е толку лесно да им се пренесе дека мене тоа едноставно ми носи задоволство и воодушевување, па воопшто не можам да се одделам од тоа. Така доаѓа 22 часот, а јас ќе се чудам зошто семејството е малку раздразливо“, низ смеа раскажува дизајнерката од Северна Рајна Вестфалија.

Од блуза, преку чанта до асталски чаршаф - таа шие се’. Муштериите како мотив најчесто ги сакаат своите животни или фотографии од одмор.

„Еве фотографија од Прашкиот замок. Јас всушност бев сосема воодушевена што таму стои толку старо и ’рѓосано огледало, па така се задржува нешто историско, морбидно, пропаднато. Од друга страна притоа одговара и ова што исто така е снимено во Прага - имено, овие стари прозорци во класичен југендстил, кои се’ уште постојат во Прага“, ја објаснува Силвија Хилнхитер-Хофман една од своите креации.

Модната дизајнерка во меѓувреме има три колекции на понуда. Висока мода од југот на Вестфалија.