1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Висока поддршка за Дачиќ и Вучиќ за договорот со Косово

АМ/макфакс4 мај 2013

Дури 60 отсто од српските граѓани ја поддржуваат одлуката на премиерот Ивица Дачиќ и на вицепремиерот Александар Вучиќ за договорот со Косово, додека 23 проценти таквиот потег го оценуваат како велепредавство.

https://p.dw.com/p/18SDo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Како што забележува белградски Блиц, кој го презентира истражувањето на јавното мнение направено од агенцијата Стратешки маркетинг, оваа анкета била направена токму на денот на парафирањето на договорот меѓу Белград и Приштина во Брисел на 19-ти април, и всушност овие резултати претставуваат одговор на прашањето колку граѓаните го поддржуваат договорот за нормализација на односите меѓу Србија и нејзината поранешна јужна покраина Косово, којашто во 2008 година еднострано прогласи независност.

Нормализацијата на односите на Србија со Косово, односно потпишувањето на договорот за кој во десет круга беа водени преговори под покровителство на високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, беа и условот Европската комисија да препорача датум за започнување на преговори со Белград за полноправно членство во ЕУ.

Според споменатото истражување, 50 отсто од испитаниците веруваат дека Србија се движи во добра насока, додека 33 проценти го мислат спротивното. За влегување на Србија во Европската унија во моментов би гласале 52 отсто од анкетираните избирачи, додека 27 отсто би се изјасниле против. Меѓутоа, малку е помал бројот, поточно 48 проценти, на оние граѓани коишто веруваат дека датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ е многу значаен за Србија.

Дека Србија нема да влезе во НАТО, пак, сметаат 59,5 отсто од испитаниците, но се забележува дека овој процент гласови од анкетата во анкета е сe’ понизок.