1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинска презентација на македонската литература!

17 март 2012

На Саемот на книгата во Лајпциг Македонија се претставува со мал, но интересен штанд во кој се претставени четири авторите, но и актуелните и потенцијалните преводи на германски.

https://p.dw.com/p/14LTC
Фотографија: DW

Годинава на Саемот на книгата во Лајпциг, Македонија има свој сопствен штанд. Мал, но на одлично прометна локација во халата 4, наспроти подиумот за презентации на преведувачката мрежа „Традуки“, каде целодневно има случувања и публика која патем се „судира“ со литературата на Република Македонија. По повеќе години недефиниран настап, овој март во Лајпциг се покажа дека Македонците нешто сепак научиле од ваквите изложби на книгата. Како вели организаторот Роберт Алаѓозовски „важно е што тука пристигнаа четворицата најнаградувани македонски автори (Прокопиев, Андоновски, Георгиева-Михајловска и Димковска) кои до недела имаат бројни настапи со што и можност за директни контакти со издавачите и читателите“. На рафтовите од штандот се десеттината германски преводи на Луан Старова, Никола Маџиров, Дејан Дуковски, Лилјана Дирјан... Потоа претставена е и едицијата 130 македонски романи на англиски јазик. И што е уште поважно на дофат е и малото книжуле со германски преводи од делови од творештвото на четворицата автори кои ја претставуват Македонија во Лајпциг.

Недостигаат преведувачки ресурси

Во четирите саемски денови македонските автори имаат повеќе средби со читачката публика. Александар Прокопиев, лауреат на годинашнава „Балканика“, практично го отвори годинашниот литературен подиум на „Традуки“. На германски беа читани делови од наградената книга. Прокопиев кој првпат е во Лајпциг вели дека му се радува на саемот кој има „човечкиот лик“.

Leipziger Buchmesse, Autoren aus Mazedonien
Книжуле со германски превод на делови од творештвото на четворица македонски авториФотографија: DW

„ Франкфурт е саем на издавачите и агентите. Овде пак, целата атмосфера е поинаква. Во центарот се авторите и публиката, и тоа посебно онаа младата“, изјави за ДВ Прокопиев, кој не крие дека токму штандот е мамката. Тој потсети дека за ширењето на македонската книжевност до европската публика вистински мотор е преведувачката мрежа „Традуки“.
Антје Контиус, раководител на Фондацијата Фишер која стои зад „Традуки“ потврдува дека има нагорна линија во соработката со македонското министерство за култура, со авторите и издавачите и тоа се гледа во се’ поголемиот број преводи на германската литература на македонски. „Недостигаат меѓутоа човечки ресурси за преводи од македонски на германски. Има многу млади амбициозни дами, Навистина претежно се припаднички на понежниот пол кои добро работат и кои натаму треба да се поддржуваат. Инаку веќе имаме тесна соработка со шест македонски издавачи - Готен , Или Или, Блесок, Три и Антолог“, изјави за ДВ Антје Контиус.

Малиот јазик нуди големи можности

„Тоа што преведувам од и на мал јазик истовремено е тешкотија, но и голема предност. Нема многу кои се занимават со македонскиот јазик. Има нешто егзотично во него кое ги интригира луѓето да видат за каква литература станува збор. Од друга страна, пак, ако се спорди со шпанската или друга голема литература - интересирањето е мало, зашто се работи за јазик, за литература на мала земја.Но, според мене, не е толку до јазикот, колку е до големиот притисок на автори кои сакаат да се пробијат до германската публика“, објаснува преведувачот Бенјамин Ланге. Според него треба многу време и труд да се избори место на германскиот книжевен пазар. Многу е голем, но затоа, пак, нуди и големи можности и за издавачките куќи. Сепак, најзначаен е квалитетот – преведената книга да биде добра, да станува збор за интресно дело кое ќе биде читано, и кое ќе ја активира и критиката „ Тоа е бизнис. Многу тешки беа моите први чекори да стапам во контакт со некои издавачи кои би ги објавиле преведени македонските автори. Но, еве по три години, некако е полесно. Сега ја преведувам „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски која на германски ќе биде објавена наредната година од малиот, но реномиран берлински издавач „Матес унд Зајц“. Следниот проект ќе биде „Мојата роднина Емилија“ на Влада Урошевик во издание на ДТВ Премиум. Значи, полека - полека, чекор по чекор се оди напред“, коментира Бенјамин Лангер.
Македонскиот штанд деновиве го посетуваат многу пријатели на книгата. Вили Браун беше еден од оние кој ги познава Маџиров и Старова и кој сакаше во својата лична библиотека да има и други автори. Но, како што вели - во Лајпциг преводи од македонски автори на германски, но и на англиски - нема да се купат.
„Ако сакате да имате читатели треба да има и книги! Донесете повеќе книги в година“, порача Браун.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Mazedonien Leipziger Buchmesse
Да се преведува на и од македонски е тешкотија, но и голема предност. Бенјамин ЛангерФотографија: DW
Leipzig Buchmesse Mazedonien
Недостигаат преведувачи од македонски на германски. Антје Контиус од Фондацијата ФишерФотографија: DW

Редактор: Симе Недевски