1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата има забелешки на падот на рејтингот според Стандард и пурс

ЖА/миа/макфакс24 мај 2013

Министерството за финансии на Македонија забележува на квалитетот на анализата, точноста на податоците и наведените причини за намалување на кредитниот рејтинг во извештајот на кредитната агенција Стандард и пурс.

https://p.dw.com/p/18dWB
Фотографија: dapd

„Намалувањето на кредитниот рејтинг се поврзува со намалената проекција за економски раст и заостанати обврски на буџетот и можност за нивно акумулирање до крајот на годината. Ова е многу чудно и неконзистентно објаснување, ако се има предвид дека во 2012 година Стандард и пурс го задржа рејтингот на Македонија на исто ниво во услови на негативна стапка на БДП и нерешени обврски кон стопанството. Сега во 2013 година кога растот на економијата е позитивен и има први знаци на заздравување, а заостанатите обврски се целосно измирени и долгот е сведен на нула - Стандард и пурс го намалува рејтингот на земјата. Очигледна е неконзистеноста на рејтинг агенцијата“, се вели во реакцијата на Министерството за финансии.

Министерството преку соопштение потсетува дека Македонија е единствена од земјите од Југоисточна Европа која го реши проблемот со исплата на обврските кон стопанството – заклучлно февруари исплатени се сите заостанати обврски и тие редовно се сервисираат и ќе се сервисираат.

Со решавањето на долговите, како што е наведено, Македонија останува земја со четврто најниско ниво на задолженост во Европа. Ова го потврдија и истакнаа Светска банка и ММФ, кои минатиот месец беа во земјата.

Во однос на транспарентноста, премиерот, минатата година во септември јавно, пред бизнис заедницата ја презентираше состојбата со долговите како и планот за нејзино надминување. Во десетици јавни настапи после тоа од страна на Министерот за финансии и од премиерот јавно беа соопштувани податоците колку точно обврски се исплатени и колкав е долгот, за на крајот од февруари тој да се сведе на нула. Тоа не го прави ниедна друга земја и Македонија е истакнувана од страна на Светска банка како пример како треба да се реши ова прашање.

„Чудно, да не речеме индикативно, е намалувањето на рејтингот на Македонија годинава кога се случува економско заздравување, за разлика од минатата година кога се соочувавме со потешкотии, а агенцијата Стандард и пурс ни го задржа на исто ниво рејтингот. Првиот квартал од оваа година имаме раст на индустриското производство од 2,7 отсто (последните два месеци по 4,5 и 4,2 проценти), извршените градежни работи првите два месеци годинава се удвоени на годишна основа, трговијата на големо забележува раст од 6,8 проценти првиот квартал годинава, додека трговијата на мало раст од 4,4 проценти. Се очекува и понатаму да се задржат овие позитивни економски тенденции, особено благодарение на влезот на странски директни инвестиции во земјава, како и најавата на голем број на нови странски компании кои ќе почнат да работат во Македонија“, стои во соопштението.

Министерството посочува дека Агенцијата со својот извештај неоправдано ја става Македонија во ист кош со земји кои имаат над 60 отсто државен долг ( државниот долг на Македонија е 33 проценти и е значително под пропишаната граница со Матришкиот критериум).

„Агенцијата со својот извештај си дозволува и да се меша во внатрешната политика на земјата зборувајќи за случувањата во Собранието околу носењето на Буџетот за 2013 година и сосема несоодветно зазема страна споменувајќи дека ’членови на опозицијата биле отстранети од Собранието за да се избегне дискусија за зголемените расходи на владата’. На тој начин се прејудицираат случувањата од 24 декември кои се предмет на испитување на Анкетната комисија, а агенцијата грубо се меша во внатрешната политика на земјата“, стои во соопштението на Министерството за финансии.

Претходно, агенцијата Стандард и пурс објави пад на кредитниот рејтинг на Македонија од ББ на ББ-  за долгорочно задолжување во домашна и странска валута. Агенцијата го потврди краткорочниот рејтинг со стабилна прогноза.

Како причини за намалувањето од Агенцијата ги посочуваат зголемената јавна потрошувачка за непродуктивни работи, тешкотиите во управувањето со владините финансии, потоа економските притисоци , но и стеснетиот простор за странците кои се сопственици во македонските банки.