1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата им намигнува на новинарите

Катерина Блажевска15 февруари 2013

За да продолжи дијалогот со Владата, Здружението на новинари на Македонија инсистира да се утврди одговорноста за исфрлањето на новинарите од Собранието на 24 декември. Новинарите бараат вистински, а не фингиран дијалог.

https://p.dw.com/p/17efe
Фотографија: Fotolia

Се топи ли мразот меѓу Владата и ЗНМ? Од повеќе страни стигнуваат отворени сигнали дека е време да продолжи дијалогот кој Здружението еднострано го замрзна, откако надлежните институции не утврдија кој е одговорен за насилното исфрлање на новинарите од Собранието на 24 декември минатата година. Пред неколку дена, премиерот Груевски говорејќи за владините приоритети пред партнерите од коалицијата „За подобра Македонија", испрати порака и до медиумската заедница.

„Изразувам подготвеност за продолжување на дијалогот со здруженијата на новинари во Македонија, со цел активно да се поддржи улогата и значењето на слободата на медиумите како столб на демократијата, и тоа преку осврнување на препораките на Високиот пристапен дијалог, кои ги допираат најзначајните теми поврзани со работата на новинарите", порача Груевски.

Нема решение за деблокирање на дијалогот

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, вели дека „меѓународните претставници во Македонија инсистираат Владата да изнајде начин да го продолжи дијалогот со новинарите".

„Никој од меѓународните претставници не ја спори аргументацијата за одлуката на Управниот одбор на ЗНМ за прекин на разговорите. За нас никогаш не било спорно дека проблемите на новинарите и на медиумите треба да се решат низ дијалог. Таа подготвеност сме ја демонстрирале многу пати досега. Од досегашните консултации, немаме решение за деблокирање на разговорите. За да продолжи дијалогот инсистираме да се исполнат условите што произлегуваат од одлука на Управниот одбор на ЗНМ", вели Селмани.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Надлежните институции досега не утврдија одговорност за исфрлувањето на новинарите од законодавниот домФотографија: MAKFAX

Надлежните институции досега не утврдија одговорност за исфрлувањето на новинарите од законодавниот дом, што предизвика големо незадоволство во медиумската заедница. Вицепремиерката за европски прашања, Теута Арифи, која беше еден од владините претставници во работната група за разговори со ЗНМ, вели дека дијалогот за подобрување на состојбата во медиумите е од исклучителна важност за демократските процеси.

„Во демократските земји медиумите играат клучна улога не само во известувањето, туку и во обликувањето на политиките и случувањата. Вклученоста на медиумите во процесот на интеграција на Република Македонија е од суштинско значење за неговиот успех. Верувам дека нашата заедничка соработка, која се заснова на меѓусебна доверба, треба да продолжи за да се соочиме со предизвиците и да изградиме демократска европска земја, каде што медиумите би биле четврта власт во државата", вели Арифи.

Довербата тешко се гради, лесно се урива

Жанета Трајкоска, директорка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, смета дека во моментов не постојат услови да продолжи дијалогот меѓу Владата и ЗНМ.

„Можеби се' ќе беше поинаку ако службите на Собранието и МВР утврдеа некаква вина за употребената сила врз новинарите, но тоа не го доживеавме. Незамисливо е да се продолжи дијалог врз основа на нефер однос меѓу две страни. Замислете го првиот состанок на кој ќе се појави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која е еден од владините претставници во работната група. За што ќе зборуваат со колегите новинари? Кое би било првото прашање? Без да навлегувам во она што се случуваше меѓу пратениците, инцидентот со новинарите беше повеќе од доволен да повлече оставки од највисоките функционери во Собранието, ако ништо друго, барем заради демократскиот срам што тие треба да го чуствуваат откако ги виделе снимките на кои собраниското обезбедување кошка новинари", вели Трајкоска.

Генерално, новинарите немаат очекувања од разговорите меѓу ЗНМ и Владата. Усвојувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој само ги потврди високите казни за медиумските претставници, го донесе првото разочарување во новинарската заедница. Второто разочарување е во нетранспарентниот начин на подготовка на законот за медиуми и третото - отсуството на одговорност за инцидентот од 24 декември.

Довербата тешко се гради, лесно се урива. Владата ќе треба да покаже многу повеќе од декларативна заложба, за да се воспостави вистински, а не фингиран дијалог, сметаат новинарите.