1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата и Силмак бараат рашение за цената на струјата

Горан Петрески6 октомври 2006

Силмак, најголемата фабрика во Македонија со илјада вработени може да биде затворена. Тоа би бил сериознен удар за македонската економија.

https://p.dw.com/p/AeKi
По која цена Силмак во иднина ќе плаќа струја
По која цена Силмак во иднина ќе плаќа струјаФотографија: AP

На најголемата фабрика во Македонија Силмак и се заканува затворање. Државната компанија за пренос на струја најави дека ќе ја запре испораката на електрична енергија бидејќи истекува договорот за бенефицирана цена по која Силмак ја купува струјата.

„Следната сабота вечер наш план е испораката на електрична енергија кон Силмак да биде нула. Со тоа практично ќе го спречиме кумулирањето на загубите на МЕПСО“, изјави Атанасие Тунески, директор на МЕПСО, државната компанија за пренос на струја.

Бурната реакција издејствува преоден рок за Силмак

Но ваквата најава нема да се реализира. Бурната реакција на информацијата за затоворање на Силмак ја натера Владата да му даде уште малку време на раководството на фабриката, преоден рок во кој, ќе се договори нова повисока цена на струјата прифатлива и за државата.

Се огласи и премиерот Никола Груевски во обид да објасни зошто мора да скратат бенефициите за Силмак. „Во наредниот период до крајот на оваа година треба да се склучи нов договор. Прблематично е што е со невообичаено огромна субвенција и треба да се најде начин тоа да се надмине бидејќи газдите на Силмак плаќаат една третина цена на струја од тоа што го плаќаат сите останати граѓани на Република Македонија.“

Немир кај вработените во фабриката

Силмак е поранешен Југохром, комбинатот од тетовското село Јегуновце во кој се произведува феросилициум. Фабриката сега е сопственост на француската компанија СЦММ. Вработува 1000 луѓе. Тие најмногу се вознемирија од заканата за запирање на струјата што во пракса значи гасење на фабричките машини. Потресени се и жителите на Јегуновце и регионот што егзистира од работата на Силмак.

Сеуште се свежи сеќавањата од ликвидацијата на Југохром. „Треба да работи, како да не работи. Југохром го затворија сега и него ли да го затворат, ние овде после како ќе живееме? Тоа би било голема катастрофа. Ако тоа што се зборува се оставари тогаш ќе замре животот во Јегуновце“.

Потребно е решение прифатливо за двете страни

Владата е решена да не му попушти на Силмак дури и ако работите завршат на најнепопуларен начин – со затворање на фабриката.

Сепак вицепремиерот Зоран Ставрески се надева дека ќе се најде решение прифатливо за двете страни. „Не можам да прејудицирам кое ќе биде решението но ќе имаме како Влада конструктивен пристап, односно доколку постои компромис што може да се најде, ние ќе го бараме тој компромис затоа што таму работат голем број работници, и ние ќе настојуваме се разбира не на штета на Владата и не на штета на буџетот, да биде изнајдено решение со партнерите. Доколку нема расположение од нивна страна ќе мора да се направи она што во секоја пазарна економија се прави.“

Силмак не сака да ги угаси печките, владата сака да си го наплати долгот

Силмак и должи шест милиони евра на државата за неплатена струја иако ја добива по цена пониска од онаа по која ја набавува МЕПСО. Преговорите се отворени, засега никој не отстапува од својата позиција.

За Силмак е важно печките да не запрат со работа, за државата да си ја наплати испорачаната струја и тоа по поволна цена. „Секој стои на својата категорија, дека енергијата е во недостаток, дека цената е депресирана, од друга страна Силмак нормално бара електрична енергија, знаете дека е тешко сега снабдувањето, немаме сега доволни количества на енергија, и мораме на некој начин да се усогласиме“, вели Златко Чингоски директорот на фирмата ЕЛЕМ во чиј состав се македонските електрани.

Затворањето на Силмак би било сериозен удар и за целокупната македонска економија оти неговото производство има значителен удел во бруто домашниот производ.