1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ќе штеди, но не се откажува од капиталните проекти

31 мај 2010

Македонската влада ги започна пресметките за кастрење на буџетот за 2010 година. Колку и од што ќе се крати засега е непознато. Експертите предвидуваат успех ако се намалат непродуктивните трошења.

https://p.dw.com/p/NbIU
Фотографија: DW

Буџетската проекција за 2010 година на владиниот економски тим, по само шест месеци оди на корекција. Откако владата безуспешно бараше инвеститори на кои под поволни каматни услови ќе им ја продаде еврообврзницата, кабинетот на премиерот Никола Груевски реши да ја скрати буџетската каса во обид да ги задржи посакуваните економски проекции. Колку и каде ќе се крати од државната каса, засега не се соопштува. Официјално, пресметките се кројат и ќе бидат познати кон средината на јуни. Неофицијално, се зборува за кратење на околу 150 милиони евра.

Многу места во буџетот кои генерираат непродуктивно трошење

Експертите сметаат дека владиниот потег е можеби задоцнет, но очекуваат тој да даде резултати ако се скрати во делот на непродуктивните трошења:

Euro-Scheine
Неофицијално, се зборува за кратење на буџетот за околу 150 милиони евраФотографија: dpa

„Генерално, има многу места кои генерираат непродуктивна потрошувачка и сите тие треба да се кратат што е можно поскоро. Владата лани направи добар потег што ги укина трошоците за патнички автомобили, барем во време на криза. Истото треба да го направи и оваа година и јас мислам дека тоа ќе го направи. Потоа, треба да се крати сета увозна компонента, односно потрошувачка заснована на увозна компонента која има негативно влиајние врз трговскиот и платниот биланс на државата како и секој вид друга буџетска потрошувака која на некој начин може да чека за следната година“, вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Никој нема да биде поштеден

Освен ресорот за здравство, министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека ниту една владина институција нема да биде поштедена. Владата анализира каде може да се штеди, но не планира да се откаже од реализацијата на ниту еден започнат капитален проект, како на пример Скопје 2014:

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека ниту една владина институција нема да биде поштеденаФотографија: Petr Stojanovski

„Тоа е еден сериозен процес кој треба детално да се спроведе во насока на внимателно анализирање на можностите каде може да се скратат средствата за да не се нарушат започнатите проекти, односно да се види каде самата динамика на проектите дозволува да се извршат намалувања. Нашата ориентација е ниеден проект да не биде целосно прекинат, туку каде има простор да се промени динамиката - средствата да се распределат дел за оваа, а дел за наредната година“, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.

Инаку, првичниот буџет за 2010 година тежеше двеипол милијарди евра. Владините проекции предвидуваа дефицит од 170 милиони евра и економски раст од два процента. Наспроти ова, Народната банка на Македонија, пред две недели излезе со прогноза дека земјата годинава ќе оствари раст од 1%.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска