1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владејачките партии во Грција се „самопослужувале“

Б. Нибриге/ Ж.Ацеска15 август 2013

Многу Грци се огорчени од спрегата меѓу власта и банките. Додека граѓаните и стопанството страдаат и тешко добиваат кредити, презадолжените владејачки партии со голема леснотија од банките земале милионски кредити.

https://p.dw.com/p/19Lst
Фотографија: dapd

Јоргос Цисиматос всушност ништо веќе не може да го изненади. Тој над 20 години работи во текстилната бранша каде владее остра конкуренција.

На малиот остров Саламина во близина на Атина, тој меѓутоа мораше да се предаде. Му останаа само 4 од некогашните 14 продавници.

Според Јоргос, коренот на целото зло во земјата е непостоењето волја за реформи: „Државата мора конечно да спроведе реформи, за да се овозможи нов почеток за малите и средни фирми, кои ја одржуваат економијата во живот. Но, ние Грците сме скептични, зашто мислиме дека државата е корумпирана“.

Јоргос, како и многу други Грци, ѝ е лут на владата, а посебно на врските на двете партии, Пасок и Нова демократија, со високиот бизнис.

Централата на социјалистичката партија Пасок според извештаите на медиумите, таа е банкротирана. Се обидуваме - и тоа со недели, да дознаеме повеќе од нејзиниот шеф, воедно и министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос, но залудно.

Во минатата година смеевме и да снимаме во централата. Вработените сега зборуваат за неисплатени плати, отпуштања, неплатени кирии. Банките веќе присилно наплатувале долгови.

Пасок наводно е во минус од 130 милиони евра. Точно ли е тоа? - го прашуваме Ровертос Спиропулос, поранешен финансиски шеф на Пасок. Тој отворено зборува за лош менаџмент и корупција: „Да, во минатото се направени грешки, но видете, и Вие многу добро знаете дека дури и во развиените демократии непостоењето транспарентност и корупцијата секогаш се дел од функционирачкото стопанство“...

Griechenland Athen Parlament Protest
Фотографија: Reuters

Во Грција партиите ги финансира државата - паушално, според број на добиени гласови на изборите. Но, на партиите тие милиони не им се доволни, па Пасок и Нова демократија си обезбедиле обилни банкарски кредити, секоја по најмалку 130 милиони евра.

Многумина Грци се огорчени поради гаранциите дадени за тие кредити. Имено, партиите ги понудиле државните паушали за наредните избори! Банкарските менаџери значи ги прифатиле неизвесните изборни постигнувања како гаранции.

Мариос Кириаку, еден од најпрофилираните економски ревизори во земјата, нѐ изненади колку отворено зборува за политички мотивирано доделување кредити: „Политиката и банкарскиот систем пред кризата функционираа комплетно поинаку отколку денес. Банките, особено оние кои беа под силно влијание или под контрола на владата, пред кризата по правило не ги доделуваа кредитите според пропишаните, важечки деловни услови“.

Во грчкиот парламент нерадо зборуваат за политичкото влијание на партиите врз банките. Но, државното обвинителство започна истрага. Уплашени, владејачките партии поведоа законска инцијатива, затскриена во еден член во Законот за поддршка на приватните инвестиции.

Опозицијата ова го критикува како генерална амнестија за банкарските менаџери.

И Јоргос Цисиматос на владејачките партии им припишува свесна неодговорност, но него уште повеќе го мачи грижата за бизнисот. Банките се јавуваат речиси секојдневно, бараат отплата на старите кредити.

„Нашите сегашни политичари не се интересираат за грчкиот народ, туку работат исклучиво во свој сопствен интерес“.

Јоргос Цисиматис ќе се бори и натаму. Но, тој ја загуби вербата во поддршка од страна на политиката.