1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Good Governance pro

23 септември 2009

Во Њујорк деновиве се одржува Глобалниот самит за креативно лидерство. На тридневниот собир шефови на влади, дипломати и научници ќе работат на стратегија за „гуд гаверненс“, добро водење на владините работи.

https://p.dw.com/p/JnGx
Фотографија: picture-alliance / ZB / DW-Montage

Поимот, кој потекнува од Светската банка кон крајот на 80-тите години, требаше да укаже дека развојната помош не може да дејствува, ако во засегнатите земји нема функционирачки државен апарат. Под „гуд гаверненс“ се подразбираат редовни и фер избори, отчет на владата пред граѓаните, гарантирање на човековите права, независно правосудство, социјално пазарно стопанство, политичка стабилност, ненасилство, рамноправност на жените, здравствена заштита за граѓаните, функционално снабдување со вода и струја, сузбивање на корупцијата.

Американскиот претседател Барак Обама при посетата на Африка ги жигоса корупцијата и тиранските режими како зла кои го попречуваат развојот на целиот континент, а излезот го гледа во добро водење на владините работи.

Про: „Гуд гаверненс“-излез од сиромаштијата и поттик на развојот

„Гуд гаверненс“ како рецепт? Да - вели Сибиле Голте во наредниов коментар.

Развојната помош честопати останува без никаков ефект, а најважна причина за тоа се корупцијата, злоупотребата на власта, нетранспарентноста и кршењето на човековите права. Помошта за самопомош, јадро на развојната политика, може да има ефект само ако одговараат политичките рамковни предуслови. Промашени се, веќе и од чисто економски аспект, инвестициите онаму, каде диктаторите си ги полнат сопствените џебови и приватните сметки во швајцарски банки, го пумпаат буџетот за војската само за да се одржат на власт и целно ги елиминираат критичарите на таквите махинации.

Symbolbild Korruption
Стоп за корупцијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Во времето на студената војна и конфликтот Исток-Запад секој диктатор беше подобен за да му се даде помош - пресудна беше неговата припадност кон соодветниот политички блок. Многу земји во развој во 90-тите години покриваа просечно 15 проценти од брутосоцијалниот производ со пари од развојната помош. Милијарди завршија во диктаторски земји без видлив резултат. Затоа развојната помош е бесмислена ако не се поврзе со политички предуслови чиј заеднички именител е „гуд гаверненс“.

Критичарите во ова гледаат нова форма на колонијализам: зошто земји од Африка, Азија и Латинска Америка треба да се ориентираат токму според западниот систем на вредности? -Затоа што вредности како човекови права, слобода на мислењето и правна држава не се привилегија на богатиот север, туку мора да важат насекаде во светот. „Гуд гаверненс е можеби најважниот фактор за совладување на сиромаштијата и унапредување на развојот“, оцени пред десетина години поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан. На ова нема што да се додаде.

Контра: Стоп за разубавеното прикажување на работите

Развојната помош од Западот им помогна на многумина диктатори да се одржат на власт. Америка има намера во иднина да поддржува само режими кои постапуваат одговорно. Значи, сепак „гуд гаверненс“ како рецепт? - Не, само тоа не е доволно, коментира Уте Шефер.

African Good Governance Network Seminar
Семинар „Гуд гаверненс“ во АфрикаФотографија: sitou@wassnett.com

Несомнено е: напредокот и развојот битно зависат од решеноста на политичката елита; недостигот од политичка волја може да го спречи развојот. Несомнено е: демократијата и партиципацијата придонесуваат развојот да биде во полза на многу луѓе во државата. Неспорно е и дека да постоеше навистина „гуд гаверненс“ во земјите во развој, тогаш луѓето сигурно ќе почувствуваа многу повеќе од милијардите долари што се слеаја како развојна помош во изминатите пет децении.

Спорна е примената на поимот „гуд гаверненс“, оти тој премногу често се злоупотребува како покритие, како оправдание, а и за разубавено прикажување на работите. Не е за критика она што се подразбира под тој поим, туку начинот на кој се злоупотребува, за да се предизвика заблуда во однос на реалноста и нејзините големи дефицити. Критериумот за добро водење на владините работи важи за 58 земји во развој, но ако се погледа политичката и социјална реалност во некои од нив, во голема мера не е на место. Поимот може слободно да се заборави, ако донаторите и примателите на помош не го подразбираат истото - а во случајот со „гуд гаверненс“ тоа е честопати така. Со човековите права не може да се тргува, уште помалку со доброто водење на владините работи, демократијата и политичката партиципација. Значи, стоп за разубавеното прикажување на работите: ако веќе се употребува поим како „гуд гаверненс“, тогаш, молам, само чесно!

Автор: Сибиле Голте/ Уте Шефер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска