1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влезот во ЕУ значи „прифаќање на правилата на клубот“

Марина Максимовиќ / Александар Методијев31 декември 2013

„Терминот преговарање се толкува погрешно. Нема да има многу преговори. Влезот во ЕУ значи прифаќање на правила на клубот“, објаснува за Дојче веле Пјер Мирел, досегашниот директор на Директоратот за Западен Балкан во ЕК

https://p.dw.com/p/1Aiiu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: ЕУ најави одржување на прва Меѓувладина конференција со Србија на 21 јануари 2014 година. Во Брисел велат дека се работи за „официјален почеток на преговорите за членство“ и почеток „на нова фаза во односите“ со Белград. Како Вие гледате на овој нов чекор на Србија на евроинтеграцискиот пат?

Пјер Мирел: „Советот на ЕУ ја потврди одлуката на Советот на министри на Србија да ѝ се одобри почеток на пристапните преговори, што е добредојдена одлука. Таа носи порака не само за Србија, туку и за целиот регион на Западниот Балкан, а таа е – кога постои волја постои и начин. Видовме јасна волја и Белград и Приштина да свртат лист, да се свртат кон иднината и да направат сѐ за соработката да ги победи конфликтите од минатото. Тоа е порака за сите земји од регионот, а на прво место за Босна и Херцеговина. На овој пример јасно се гледа трансформативната моќ на ЕУ“.

Кој би бил башиот совет до Белград пред отворањето на преговорите со Србија за членство во ЕУ?

Treffen Ashton, Thaci und Dacic
Дачиќ, Ештон и Тачи на една од средбите, кои се дел од дијалогот меѓу Србија и Белград со посредништво на ЕУФотографија: European External Action Service

„Лекцијата од претходните проширувања е дека всушност тој збор ’преговарање’ погрешно се толкува. Тука нема да има толку многу преговори. Влезот во ЕУ значи прифаќање на правилата на клубот. Нивно усвојување, имплементирање и спроведување. Пораката за Србија е да продолжи со примената на започнатите реформи. Да продолжи со примената на договорот за дијалогот со Приштина. И на трето место се структурните реформи во економијата, кои се неопходни за јакнење на инвестирањето“.

Господине Мирел, како еден од европските функционери задолжени за проширувањето, бевте во позиција од почеток да го следите европскиот пат на Србија. Каде е највидлива таа трансформација на Србија предизвикана од процесот на евроинтеграции?

„На прво место сакам да го истакнам покренувањето на дијалогот со Косово. Договорот од месец април претставува историска промена. Кој воопшто би помислил пред две години дека такво нешто е возможно? Понудена е европска перспектива, а на Србија ѝ беше потребно некое време за да ги исполни условите од Договорот за стабилизација и асоцијација, како и потполната соработка со Трибуналот во Хаг. Потоа дојде развојот на регионалната соработка и меѓусоседските односи. Србија во тоа направи одлична работа во последните две години. Не зборувам тука само за дијалогот со Косово. Дојде и до нов вид на односи со Хрватска и Босна и Херцеговина. Сето тоа е многу позитивно“.

Како Вие го толкувате делот од преговарачката рамка со кој се бара од Србија, пред пристапувањето во ЕУ, да потпише правнообврзувачки договор со Косово за се‘опфатна нормализација? Иако Брисел негира, има поединци кои во тоа гледаат некој вид на признавање на независноста.

„Она што е значајно во годините кои доаѓаат е примената на договореното во дијалогот, за на прво место да се обезбеди слобода на движење меѓу Србија и Косово. Слободата на движење на луѓето ќе помогне да се променат ставот, менталитетот, но и трговијата и инвестициите. Стопанските комори на двете страни веќе потпишаа Меморандум за разбирање. Тоа мора да се примени и во секојдневниот живот на луѓето. Тоа е најважно. Процесот на пристапување ќе трае неколку години и важно е двете страни да не си попречуваат една на друга на патот кон ЕУ“.

Велите „неколку години“. Со оглед на тоа дека Србија го знае датумот за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, може ли некој да ѝ даде одговор колку долго ќе траат тие преговори?

„Гледајќи ги процесите на пристапување на централноевропските земји и последниот пример на Хрватска, мислам дека Србија и самата може да пресмета што значи тоа“.