1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влошена здравствената состојба на Шарон

ЕМФ/дв/миа2 јануари 2014

Поранешниот израелски премиер Ариел Шарон, по преживеан мозочен удар, е во кома речиси осум години. Сега здравствената состојба му е значително влошена.

https://p.dw.com/p/1AkDz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ариел Шарон бил опериран еден месец поради проблеми со бубрезите, по што состојбата му се стабилизирала, но од пред неколку дена таа е значително влошена. Според телевизијата Канал 10, лекарите од вчеравечер (1.01.2014) се борат за неговиот живот.

Шарон (85) беше премиер на Израел од 2001. година. Четири години подоцна имаше послаб мозочен удар, а во 2006. година тој претрпе уште еден, овој пат многу појак удар, по што падна во кома. Отогаш тој се наоѓа во состојба на вегетирање, не давајќи досега никакви знаци дека може да излезе од таквата состојба.

Ариел Шарон е професионален војник на израелската армија, кој учествуваше во три израелско-арапски војни. За многу Израелци тој е воен херој, па кога одлучи униформата да ја замени за политиката, многу израелски гласачи му дадоа доверба. Во 2005. година, и покрај силното противење на многу Израелци, Шарон одлучи да изврши еднострано повлекување на израелската армија од Појасот Газа. Со одлука на Владата во Ерусалим, од оваа палестинска област беа дислоцирани и сите израелски доселеници кои подоцна добија надомест и нови станови и куќи во населбите што се градат околу градовите во Израел и на Западниот Брег. Нему му се припишува контроверзната одлука за изградба на високиот бетонски ѕид на Западниот Брег, со образложение дека на тој начин Израел ќе се заштити од палестинските терористи.