1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ ги брои победите, СДСМ инцидентите

Катерина Блажевска25 март 2013

Премиерот Никола Груевски ги оцени изборите како фер и демократски, а лидерот на СДСМ најави и бојкот на вториот круг од изборите ако нема разрешница за сите нерегуларности.

https://p.dw.com/p/183Yj
Фотографија: Petr Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ синоќа објави и прослави голема победа на локалните избори во градот Скопје и во 25 општини, како и големо водство во уште 32. СДСМ прогласи победа во Струмица и водство во пет општини. ДУИ победи во седум општини и води во шест, а ДПА прогласи победа во две и изрази надежи за победа во вториот круг во седум општини. Ова се информациите од партиските штабови, со оглед дека Државната изборна комисија не ги соопшти официјалните резултати поради големиот број необработени податоци. Досега од изборите за градоначаници биле обработени 473.859 гласови од 1.725 избирачки места или 57,96 отсто. Сличен е процентот на обработени податоци за Советите на општините. Од изборите за градоначалник на Скопје и за Советот на градот, од 536 избирачки места обработени се податоци од 84, односно само 15,57 отсто од гласовите.

Опозицијата незадоволна

ДИК на полноќ ги соопшти генералните впечатоци за првиот круг од локалните избори. Според претседателот Борис Кондарко, за ДИК е посебно позитивен високиот одзив на граѓаните, а за одбележување е тоа што денот помина без насилство и физички инциденти на гласачките места.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола Груевски е задоволен од резултатот и текот на изборитеФотографија: MIA

„Сепак, беа присутни и огромен број на сериозни нарушувања на избирачкиот процес. Се надевам дека ДИК ќе ги провери и ќе ги истражи во целост, јавно и транспарентно, исто како и податоците од МВР за граѓаните со лични карти кои живеат на исти адреси“, потенцира Кондарко.

Власта и опозицијата вчера дадоа различни оценки за регуларноста на изборниот процес.

„Во Република Македонија се организираа слободни, фер и демократски избори, кои се, пред се‘, победа на сите граѓани и на државата Македонија. Тие се положен демократски тест на патот за нашата интеграција во ЕУ и НАТО“, рече премиерот Никола Груевски во полноќното обраќање.

Од штабот на политичкиот опонент стигна поинаква оценка.

„Овие избори беа сè друго, само не фер и демократски. Бевме сведоци на невидени закани и уцени, притисоци, нерегуларности во избирачкиот список, злоупотреба на државните институции. Ако нема разрешница за сите нерегуларности, за нас сите опции се отворени, вклучително и неучество во вториот изборен круг“, порача лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

И потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев, по синоќешното прогласување на победа во Струмица, изјави дека изборите не биле ни фер, ни демократски. „Повалкани, погнасни и поподмолни избори од овие, досега немало “, рече Заев.

Mazedonien Kommunalwahlen
Бранко Црвенковски обвинува за нерегуларностиФотографија: MIA

Забелешки за уцени, поткуп и заплашување на гласачите, вчера искажа и лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Генерално, опозицискиот блок има големи забелешки за нерегуларности на изборите.

Стандардни проблеми

Според политичкиот аналитичар Сашо Клековски, најважно е што изборите поминале мирно и со висок одзив на гласачите.

„Повисокиот одзив ја намалува можноста за потешки изборни нерегуларности. Оние нерегуларности што ги констатираа набљудувачите спаѓаат во стандардни проблеми и не се сметаат за поголеми нарушувања. Кај нас има два главни структурни проблеми. Првиот е транспарентноста во финансирањето на изборните кампањи, каде гледаме или празни извештаи или голема диспропрција меѓу приходите и потрошеното. Вториот е неодвојувањето на државата и партијата во изборен контекст“, вели Клековски. Тој се надева на професионална акција на ДИК и на судовите, за да се санкционираат евдентираните нарушувања на изборниот процес.

Во однос на изборните резултатите, изненаден е од огромното потфрлање на опозицијата.

„За првпат во некои регионални центри во кои локалната власт ја имаше СДСМ сега победува или е во водство кандидат кој не е од таа партија. СДСМ на овие избори постигна многу помалку од она што го најавуваше“, вели Клековски.

Mazedonien Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski

Александар Даштевски, поранешен член на ДИК, смета дека ова се најрегуларните избори досега.

„Изборите беа фер, демократски и што е најважно- слободни, бидејќи граѓаните непречено ја изразија својата волја. Во северозападна Македонија состојбата е многу подобрена во споредба со 2008 година, на пример. Обично, кога има проблеми, партиите веднаш реагираат со приговори до ДИК, а такво нешто вчера немаше. Мора да се потенцира дека и полицијата веднаш реагираше на претставките и професионално си ја заврши работата“, констатира Даштевски.

Тој причините за поразот на опозицијата ги гледа во политичката криза која предолго траела, оставајќи ја опозицијата без време за сопствена промоција.

„Опозицијата требаше да се подготви за натпревар со локални проекти, а не да се занимава со државни теми и прашањето има или нема демократија. Дури ни владејачката партија не очекуваше толку уверлива победа. Опозицијата ќе мора да се преиспита и нешто да менува во својата политика, за да се постигне здрав политички баланс во земјата“, предупредува Даштевски.

Оценка за регуларноста на изборите денеска ќе дадат повеќе граѓански асоцијации кои имаа свои набљудувачи на изборите, но јавноста со најголем интерес ја очекува оценката на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.