1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ го одби предлогот на Црвенковски

БГ/макфакс15 февруари 2013

Од владејачката партија велат дека нудат само продолжување на рокот за поднесување кандидатури за неколку дена, но не и одложување на локалните избори, ниту пак предвремени парламентарни избори.

https://p.dw.com/p/17ez7
Фотографија: Petar Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема можност за каков и да е договор со СДСМ во кој се споменуваат предвремени избори, но сепак даваат можност да се пролонгира рокот за доставување на советничките и градоначалничките листи за три до четири дена, а сепак, рокот за одржување на локалните избори да остане ист.

„Со цел да не му оставиме можност на Црвенковски да си создава дополнително алиби пред цела јавност, со тоа дека нема време за подготовка на советничките листи, или за евентуални измени на изборниот закон, доколку се оцени дека е потребно согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР и дека веќе е во цајтнот и од таа причина нема да учествува на локалните избори, му нудиме на СДСМ последна сламка за спас, а тоа е - доколку вечерва до 19 часот се согласат, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено законски да се продолжи рокот за доставување на советничките и градоначалничките листи за три до четири дена, а сепак, рокот за одржување на локалните избори да остане ист“, соопштија од владејачката партија.

За евентуални измени на изборниот закон, доколку се констатира потреба од тоа, може да се случуваат во тек, затоа што за тоа има законска можност, и тоа воопшто не кореспондира со поднесувањето на советнички листи и кандидатите за градоначалници.

„Доколку и ова не се прифати, јасна е намерата дека Црвенковски бега од избори и соочување со народот, и јасно е дека одработува за некого и се бори за својата лична кариера, наспроти запазување на државниот интерес“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски денеска побара одложување на мартовските локални избори за еден месец и доколку опозицијата освои еден глас повеќе на нив да се одржат предвремени парламентарни избори во септември годинава.