1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во кавга за бранителите

БГ/миа/макфакс6 септември 2012

Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика ја продолжија расправата по Предлог законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Р. Македонија и на членовите на нивните семејства.

https://p.dw.com/p/164Tk
Фотографија: AP

Демократската унија за интеграција ги оствари најавите дека ќе ги искористи сите расположиви административни, технички и деловнички средства, предложениот закон да не се донесе.

Денеска пратеникот на ДУИ Талат Џафери ја продолжи дискусијата која ја почна вчера. Тој дискутираше неколку часа и вчера и денеска, притоа читајќи делови од Уставот и Деловникот. Оттаму најавија дека ќе имаат долги и повеќекратни дискуси по предлог законот.

Според деловникот, на седниците на работните тела членовите не се временски ограничени во своите дискусии како ни колку пати ќе побараат збор.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Веле Ѓорѓиевски, кој вчера од името на предлагачот го образложуваше законот, истакна дека деловничко право на секој пратеник е да говори колку мисли дека е потребно. Сепак, не верува дека тоа ќе ја блокира постапката за донесување на законот.

„Сигурен сум дека законот ќе се донесе“, рече Ѓорѓиевски.

Законот до Собранието го достави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и негова цел е регулирање на посебните и социјални права, кои согласно член 36 од Уставот им се загарантирани на припадниците кои учествуваа во одбраната на суверенитетот на Република Македонија.

Talat Dzaferi Abgeordneter im mazedonischen Parlament
Талат ЏафериФотографија: DW

Поддршка за законот даде и опозицискиот СДСМ, додека партиите на Албанците во Парламентот беа против, со образложение дека тој е антиалбански, дискриминаторски, како и дека е штетен за мултиетничкиот живот и евроатлантската иднина на Македонија.

Со Предлог законот опфатени се припадниците на воените и на полициските безбедносни сили кои учествувале во спречувањето на насилно уривање на демократските државни институции во периодот од 1 јануари 2000 до 31 декември 2001 година. Во случај кога се работи за загинати припадници на безбедносните сили, надомест ќе добијат членовите на нивното семејство.

Собранието за Предлог законот ќе расправа во редовна постапка, што значи дека прво треба да го разгледаат комисиите за одбрана и безбедност и за политички систем. Откако овие комисии ќе ја утврдат потребата од усвојувањето на ваков закон, потоа треба да гласаат и пратениците. Во втората фаза истите комисии ќе расправаат ако бидат доставени амандмани, по што законот оди на собраниска седница.