1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО ДПМНЕ: На Ахмети му се брза во НАТО, за нас е важна цената

ЖА/макфакс17 април 2013

ВМРО-ДПМНЕ како приоритет го има зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, но не по цена на откажување од идентитетот, се вели во реакцијата од партијата на колумната на лидерот на ДУИ, кој вели дека е време за НАТО

https://p.dw.com/p/18HLV
Фотографија: Petar Stojanovski

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во соопштението истакнува:

„Забележуваме дека во последните денови Али Ахмети во неколку наврати јавно го потенцира значењето на побрзото решавање на спорот за името, кое би овозможило членство во НАТО, како процес, кој како што наведува тој, е од големо геополитичко и геостратешко значење. Со ова соопштение би сакале да му обрнеме внимание на Ахмети дека, иако се согласуваме со важноста од побрзото зачленување на Република Македонија во НАТО, сепак треба да потсетиме дека за македонскиот народ подеднакво е важно задржување на идентитетот, изразен или поврзан со јазикот, националноста и името на земјата“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека Али Ахмети добро знае или би требало да знае дека борбата на македонскиот народ за сопствениот идентитет, државност и самостојност, како и проблемите кои Грција ги прави по ова прашање, датираат уште од пред повеќе од 170 години, поминувајќи повеќе премрежја, етапи, притисоци, крвопролевања, уништувања, прогони, присилни раселувања, нарушувања на човековите права и обид за уништување, односно бришење на македонската нација. Од ВМРО ДПМНЕ појаснуваат дека овие обиди продолжиле и во последните 23 години откако Република Македонија доби самостојност како држава.

„Во тие обиди кои постоеја многу долго пред НАТО да се основа, македонскиот народ даде голема жртва и со загубени животи и со многу маки и малтретирања на Македонците. А и самата земја во овие дваесет и три години издржа многу удари и шокови, од типот на ембарга, блокади и слично“, додаваат од владејачката партија.

„Ние во ВМРО-ДПМНЕ не планираме по толку многу години борба да се предадеме прифаќајќи уцени и диктати од страна на Грција, ниту закани од било каков вид и од било кого. Нашата борба за македонското прашање е неотповиклива, неприкосновена и безалтернативна и нема цена која ќе не натера да отстапиме од тоа“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека во врвот на своите приоритети го има зацртано зачленувањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ, но само под услов тоа да биде паралелно со задржувањето на идентитетот, изразен преку формите наведени погоре и со компромис кој не го загрозува тоа и го одобруваат мнозинството на граѓани на Република Македонија и македонскиот народ.

„Али Ахмети вели дека сега е време, ние велиме дека секогаш е време, но не по цена на македонскиот идентитет“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.