1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ победи во најголем број општини

Катерина Блажевска24 март 2013

Во штабот на опозициската СДСМ владее штама и разочарување од изборните резултати и нерегуларности.

https://p.dw.com/p/183Vq
Фотографија: MIA

Во штабот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, вечерва владее славеничка атмосфера.
„ВМРО-ДПМНЕ победува во најголем број од општините во Република Македонија, победува и во повеќе општини и со поголема разлика од она што го очекувавме“, изјави директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Најголемото изненадување е податокот дека се води изедначена битка помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во Струмица, општина во која за фаворит се сметаше кандидатот на социјалдемократите.
„Во Струмица од 27.000 обработени гласови, се води мртва трка меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Васил Пишев и на СДСМ, Зоран Заев“, изјави  Димовски.
Мртва трка се води и во општините Велес и Центар, кои ВМРО-ДПМНЕ ги сметаше за свои сигурни бастиони. Општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Зелениково, се поголемите општини во кои, според досега обработените податоци, убедливо водат кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.  Во Охрид и Прилеп кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ веќе еден час ја слават победата. ВМРО-ДПМНЕ, води и во Крушево, Кривогаштани, струмичко Ново Село, Василево, Штип и во Пехчево. Партијата претходно објави  победа во првиот круг во општините Македонска Каменица, Вевчани, Дојран, Градско, Росоман и во Демир Капија.
Владејачката ДУИ веќе објави победа во скопските општини Чаир и Сарај, Дебар, Желино, Пласница, Боговиње и неколку помали општини. Партијата е во водство и во Тетово, но таму изборната битка ќе се решава во вториот круг. Се‘ уште се обработуваат податоците за Кичево, каде ДУИ најави дека е во водство. Иако се‘ уште се обработуваат и податоците за Струга, а во благо водство е кандидатот на ВМРО-ДПМЕ и СДСМ, лидерот на ДПА Мендух Тачи, прогласи убедлива победа на кандидатот за градоначалник на Струга од неговата партија, Зијадин Села. Извесно е дека таму победникот ќе биде избран во вториот круг.
Стевче Јакимовски од СНСМ е во значително водство во општината Карпош, пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Јагнула Куновска, а неговите приврзаници веќе слават победа.
Во штабот на опозициската СДСМ владее штама и разочарување од изборните резултати и нерегуларности. СДСМ засега смета на победа во Кочани, Дебарца, Ранковце, Карбинци, Богданци, Ѓорче Петров и Берово и се надева на победа во Струмица во првиот круг.
„Во Битола, поради голем број нерегуларности се случува вистинска драма. Битката за Битола ќе ја водиме преку правни средства“, изјави потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.

Mazedonien Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski