1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Внатрешните конфликти ја слабеат безбедносната политика на САД

Сабрина Казагранде/Б. Георгиевски22 февруари 2013

Републиканците го налутија претседателот на САД со блокирањето на изборот на неговиот тим за национална безбедност. Сепак, државата не се соочува со безбедносен вакум бидејќи претходниците ги извршуваат функциите.

https://p.dw.com/p/17jlT
Фотографија: Reuters

Републиканците во Сенатот привремено го блокираа гласањето за изборот на Чак Хејгел за секретар за одбрана. Номинацијата на Џон Бренан за нов шеф на ЦИА исто така е одложена.

„На крајот, импликациите не се преголеми затоа што и двајцата ќе бидат избрани“, вели Ксенија Дорманди, од лондонската невладина организација Чатам Хаус. Во меѓувреме на функциите се’ уште се наоѓаат претходните функционери, Леон Панета во одбраната и Мајкл Морел во ЦИА.

Но, битката за изборот на Хејгел и Бренан на функциите покажува колку е поларизирана политиката во САД, вели Дорманди. Тензиите меѓу републиканците и демократите се на високо ниво, но врие и во самата Демократска партија на претседателот Обама.

Обама се надеваше на поголема меѓупартиска соработка по неговиот реизбор. Лора Ен Виола, експерт за северноамериканска надворешна политика на Слободниот универзитет во Берлин, вели дека номинацијата на Хејгел била токму дел од тој обид „да се изгради мост кон републиканците“.

Политички превирања

„Мислам дека целата дебата за Хејгел и Бренан ги рефлектира политичките превирања меѓу републиканците и демократите. Тоа многу малку се однесува на вистинската дебата за американските безбедносни проблеми. Исто така не мислам дека Обама ги избра овие двајца затоа што сакаше да ги претстави како симбол за партнерство“, вели Виола. Бренан со години беше советник на Обама во Белата Куќа за борба против тероризмот и меѓу нив двајцата постои голема доверба.

USA Senator Chuck Hagel
Чак ХејгелФотографија: Reuters

Обама нема да именува на позиција некој „кој нема да ја води надворешната политика во насоката во која тој сака“.

Што се однесува до Хејгел, проблемите со неговото именување имаат различни корени, а потекнуваат уште од неговата позиција за Ирак на почетокот на 2000-те.

„Тука се работи за Републиканската партија и чувството кај некои дека со тоа што се придвижи кон умерениот центар, Хејгел ја предаде партијата“, вели Марк Џејкобсон од Германскиот Маршалов фонд во Вашингтон.

Но, во меѓувреме републиканците Џон Мекејн и Линдзи Греем соопштија дека нема повеќе да го блокираат изборот на Хејгел.

„Републиканците сфатија дека оваа стратегија за борба против Бренан и Хејгел не е успешна. Тоа им предизвика повеќе штета на републиканците“, смета Виола.

Критичарите сметаат дека Хејгел не е доволно наклонет кон американскиот сојузник Израел и дека е премногу мек кон Иран. Но ваквите критики, во суштина, се на иста линија со намерите на Обама во однос на Иран.

„Иако Обама тврди дека сите опции во однос на Иран се на маса, јасно е дека тој не се залага за воено решение, и го потенцираше тоа со номинацијата на Хејгел“, вели Виола.

John Allen Kommandant NATO Truppen Afghanistan
Генералот Џон АленФотографија: REUTERS

Што сакаат европејците?

Внатрешната битка околу изборот на Хејгел и Бренан не игра улога на меѓународната сцена.

„Мислам дека европејците единствено сакаат да добијат силен лидер на чело на одбраната бидејќи ќе треба да соработуваат со таа личност, како и со силен претставник во Европа“, смета Дорманди.

За европјаните далеку поважна од Хејгел и Бренан е позицијата на врховен командант на сојузничките сили во седиштето на НАТО во Брисел.

„Ова е многу важна позиција и нема многу луѓе кои можат да ја пополнат“, вели Дорманди.

Генералот Џон Ален, поранешен шеф на НАТО силите во Авганистан, веќе ја одби понудата на Обама за оваа функција. Друго име засега не се споменува.

„Потребен е некој кој добро го познава Авганистан и има искуство таму, но исто така и некој кој добро ја познава Европа. Обама веројатно ќе избере некој кој веќе е стациониран во Европа и има добри врски во Европа“, прогнозира Дорманди.

„Таа функција бара некој кој разбира дека тука не станува збор само за политиката на САД, туку заедничката политика на 28 нации“, заклучува Марк Џејкобсон.